Половина од луѓето кои управуваат со јавните претпријатија се почетници, немаат соодветно работно искуство или имаат искуство до 5 години од доменот на работата на институцијата. За директори и членови на надзорни одбори се поставуваат личности со средно образование што е во спротивност со законот.

Ова се дел од наодите од истражувањето „Кој „тоа“ таму управува?“ презентирани на Конференцијата за управувањето со јавните претпријатија која се одржa на 28.03.2019 (четврток) во хотелот Стоун Бриџ.

Настанот е дел од проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies) – финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски истакна дека јавните претпријатија се хормоните на општествениот организам, но дека моменталната законска рамка не доволно јасно ги определува критериумите за избор, санкционирање и наградување на управувачките структури на овие тела.

„Се поставува прашањето колку овие тела чинат, колку ефикасно ги користат ресурсите и колку се компетентни луѓето кои што управуваат со нив. Истражувањето на ИДСЦС лоцираше низа проблеми, недостатоци и предизвици во начинот на кој што се назначуваат овие лица“ вели Трошановски.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски рече дека можностите кои што ги поседуваат институциите се ограничени и дека има недостаток на капацитет да се поправат сите системски грешки кои ги имало со децении наназад. Тој потенцираше дека за јавниот сектор клучна е соработката со граѓанското општство поради неговиот капацитет за анализи и експертиза.

„Го објавивме Предлог-законот за висока раководна служба и работиме со Европската комисија на реорганизација на институциите на системот. Поставуваме јасни стандарди и критериуми и полна транспарентност пред се, во изборот и разрешување на раководителите на институциите. Целта е зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности, правична застапеност и родова еднаквост“ додаде Манчевски.

Кога има добро управување, корупцијата нема дом и државните средства се менаџираат ефективно, поентираше амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Геловеј.

„Терминот добро управување значи ефективни, координирани и транспарентни државни институции. Како граѓани инвестираме во државните институции преку даноците кои ги плаќаме и за возврат од нив очекуваме транспарентност во тоа како ги трошат нашите пари и како ги поставуваат директорите и управни тела.“ рече Геловеј.

Миша Поповиќ од ИДСЦС кој ги презентираше наодите од истражувањето „Кој „тоа“ таму управува?“ смета дека е клучно е да се врати довербата на граѓаните во процесот на избор на управувачките структури затоа што истражувањето на јавното мислење покажува голема недоверба кај граѓаните. Иако партизацијата и капациетот не одат заедно, анкетата спроведена во рамки на проектот, покажува дека 81% од граѓаните мислат дека партиската припадност е клучниот критериум во изборот на управувачките структури.

„Партизација и капацитет не одат заедно. Прашањето е кога ќе почнеме да го решаваме тој проблем. Кога ќе имаме доверба во процесот дека навистина ќе се бираат оние што се најдобри, ќе може да напуштиме формални критериуми и да се воведат вистинските критериуми како во приватниот сектор“ заклучи Поповиќ.

Со свое видување на темата се обрати пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, кој смета дека еден начин на подобрување на квалитетот на луѓето во јавната администрација е зајакнувањето на економијата во државата. Тој како пример го посочи изборот на заменик-генералниот секретар на Собранието за кој што не постојат критериуми. Потенцираше дека вината не е само во сегашното политичко мнозинство туку дека и тие како ВМРО-ДПМНЕ не го смениле тоа кога биле во позиција.

Софка Пејовска Дојчиновска од Државната комисија за спречување на корупцијат, вели дека во државата постои сериозен проблем со изборот и поставувањето на високите раководни структури. Според неа се доведува во прашање, стручноста, компетентноста и интегритетот на тие луѓе кои многу често им служат на оние што ги избрале односно поставиле.

„Анкетите многу често покажуваат дека коруцпијата ја прифаќаме како нешто со кое што мора да се живее. Се соочивме со безброј ситуации на непотизам. Има менување на систематизација буквално по кројка. Се зголемува бројот на вработените. Во ЕЛЕМ во последните години за над 1.000 се зголемил бројот на предвидените вработени“ рече Пејовска Дојчиновска.

За над 800.000 граѓани во Северна Македонија корупцијата е прифатлив начин на делување, вели Снежана Камиловска Трповска презентирајќи истражувања направени од МЦМС. Таа додаде дека во 2017 година 31,4% од граѓаните односно секој трет граѓанин бил вклучен во коруптивно дејство.

Истражувачките новинари, Мери Јордановска од Макфакс и Гоце Трпковски од Призма, кои изработија стории инспирирани од базата на податоци за управувачките структури на јавните претпријатија на ИДСЦС, потенцираа дека вакви студии се многу важни за новинарите и медиумите затоа што преку нив им се дава човечки лик на луѓето во управувачките структури. Тоа како што велат ја олеснува контролата врз овие организации кои треба да му служат на јавниот интерес и потребите на граѓаните.

Целосната студија за раководењето со јавните претпријатија е достапна на следниот линк:

Кој тоа таму управува

Целосната анализа на правните недостатоци во управувањето на јавните претпријатија е достапна на следниот линк:

Процедурални празнини во управувањето со јавните претпријатија и друштвата во целосна државна сопственост