Трансатлантската интеграција на Западен Балкан за да може да се заврши бара усогласување на политичкиот и институционалниот интерес на големите сили како САД и Германија, владите на државите од регионот, регионалното и локалното граѓанско општество. Балканот е еден од трите приоритети на трансатлантскиот стратешки пристап во овој период, кој вклучува безбедност во регионот и европска интеграција. Другите два приоритети се она што се нарекува “Кинески предизвик” и “предизвикот Русија-Украина”.

Годинава Балканот доби позитивен импулс преку решавањето на долгогодишниот спор за името меѓу Скопје и Атина. Тоа внесе оптимизам и ги откочи иницијативите за разрешување на регионалните билатерални спорови и повторно ги поттикна иницијативите за целосна евроатланска интеграција на регионот. Меѓутоа, во моментот постои и несогласување околу случајот на спорот меѓу Косово и Србија. Ова прашање ги однесе најголемите трансатлантски играчи САД и Германија на различни колосеци во потрага по политика за потенцијално решение на спорот.

Истовремено, Европската Унија се соочува со избори и популистички движења кои не се наклонети кон интеграцијата и проширувањето на Унијата. Сепак, како што посочија дискутантите, зафатеноста на Европа самата со себе, не е состојба која треба да се прифати, туку е „нешто кон што треба да се делува“.

Ова се дел од поентите кои ги изнесоа говорниците на панел дискусијата „Трансатланските перспективи и Западен Балкан“ која се одржа во Скопје (вторник, 5 март) организирана од Германскиот Маршалов Фонд, Џорџ Маршаловиот европски центар за безбедносни студии, Белградскиот фонд за политичка извонредност и Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје во рамки на иницијативата „Балкан 360“ која има цел да се фокусира на развој на човечкиот капитал во Западен Балкан.

На панел-дискусијата своите ставови ги изнесоа Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија; Г-дин Никола Димитров, министер за надворешни работи на Северна Македонија; Г-дин Томас Клејн-Брокхоф, потпретседател и директор на берлинската канцеларија на Германскиот Маршалов фонд; Д-р Андреј Михта, декан на Џорџ Маршаловиот европски центар за безбедносни студии; Г-дин Марко Савковиќ, програмски директор на Белградскиот фонд за политичка извонредност, г-дин Зоран Нечев, постар научен соработник во Институтот за демократија и модераторот д-р Валбона Зенели, претседател на одделот за стратегиски иницијативи во Џорџ Маршаловиот центар.

Иницијативата “Балкан 360” има цел да работи на повторно ангажирање на граѓаните од регионот на различни начини од оние што се користеа во минатото и ќе се посвети на идентификување и нудење заедничка стратегиска политика за САД и Германија. Клајн-Брокхоф нагласи дека иако Минхенската безбедносна конференција изнесе на виделина несогласувања помеѓу САД и Германија, оваа трансатлантска организација ја гледа трансатлантската агенда како долгорочна визија и посветеност која ги надминува од конкретните моменти и влади.

Панелистите, преставникот на Владата и на граѓанските организации, потенцираа дека позитивниот развој на настаните со Северна Македонија како и во другите земји од регионот мора да бидат следени со одлучни реформи во повеќе области како што налага процесот на евроинтеграцијата, но што е уште поважно, како што гласно бараат граѓаните и општествата во регионот.