fbpx
logo

Анализи: Како се планираат ПВР процесите и како се спроведуваат консултациите со засегнатите страни

Постоење на реален и добар план за спроведување на процесите на проценка на влијание на регулативата и организирањето на суштински консултации со засегнатите стани се дел од клучните елементи за создавање на добри закони кои се засноваат на податоци, истражувања и проценка на најдобрите опции. При анализата на овие два сегменти од ПВР (планирањето и консултациите) во периодот од 2014 до 2018 иако се согледува извесно подобрување во поновиот период, тие сѐ уште претставуваат слаба страна во законодавниот процес во Владата и министерствата.

Во овој период само неколку министерства изработуваат годишни планови за како и во кои периоди ќе ги спроведуваат ПВР процесите. Меѓутоа и покрај тоа што изработуваат планови, овие институции најчесто не се придржуваат до нив. Консултациите пак како еден од клучните сегменти на ПВР кои треба да обезбедат дополнителен квалитет и прифатливост на законите најчесто се изведуваат само формално без суштински на јавноста да и биде овозможено да придонесе кон содржината на легислативата. Со тоа се пропушта можноста нацрт-законите да бидат ревидирани и евентуално дополнети со квалитетни забелешки од сите засегнати страни и потоа легислативата да биде подобро прифатена од страна на граѓаните, а со тоа и нивната примена да биде поефикасна.

Ова се дел од наодите во двата кратки документи за јавни политики презентирани на 06.11.2018 и се изработени во рамки на проектот  „ПВР во сенка“ кој го спроведуваат Институт за демократија „Социетас цивилис“ и Центар за економски анализи, а е поддржан од Европската Унија.

Првиот документ „Предизвиците во годишното планирање на ПВР“ на авторот Марко Панковски од ИДСЦС го анализира процесот на годишно планирање кој треба да го спроведуваат министерствата и Владата и треба да овозможи три клучни придобивки меѓу кои јавност на предлозите на законите, јасна временска рамка во која ќе се спроведат процесите и увид за планираните начини на вклучување на засегнатите страни.

Вториот документ „Поставеност и предизвици на консултативниот процес при ПВР“ на авторите Марко Панковски и Јане Димески од ИДСЦС ја истражува практичната примена на консултациите и можноста за вклучување на заинтересираните страни во креирањето на законските решенија.

Двата документи наведуваат препораки до Владата и министерствата за подобрување на овие два важни аспекти. Меѓу предлозите се:

  • Годишната програма за работа на Владата да се донесува најмалку 45 дена пред почетокот на годината;
  • Доследно придржување до плановите од страна на министерствата;
  • Надградба на Деловникот за работа на Владата за дополнително зголемување и прецизирање на надлежностите на Генералниот секретар во процесот на изработка, координација, имплементација и следење на министерствата при изработка на извештаи за ПВР.
  • Избегнување на праксата за поднесување на предлог закони по скратена постапка;
  • Воспоставување на регистри на заинтересирани чинители кои ќе бидат континуирано информирани за промените и отстапките од годишните планови за ПВР.
  • Дополнително зголемување на рокот за консултации и можност за флексибилно време односно продолжување на рокот ако се утврди потреба.
  • Објавување на текот и мислењата добиени на консултациите во реално време;
  • Поголема транспарентност при формирањето на работните групи;
  • Почитување на предвидената постапка и упатствата за ПВР кои треба да покажат кој и како е консултиран и да се даде преглед и причини за прифаќање/неприфаќање на нивните сугестии.
  • Информирање преку повеќе канали на комуникација со цел рано и потемелно информирање на што поголем број на засегнати страни.

Документите се достапни на следните линкови на македонски и албански јазик:

Предизвиците во годишното планирање на ПВР 

Sfidat në planifikimin vjetor të VNR

Поставеност и предизвици на консултативниот процес при ПВР

Vendosja dhe sfidat e procesit konsultativ gjatë PVR

Проектот „ПВР во сенка“, ќе придонесе за унапредување на доброто владеење преку вмрежување и градење на капацитети на граѓанските организации за следење и анализа на спроведувањето на ПВР. Целта на проектот е да се зголеми можноста за активно вклучување на граѓанските организации во ПВР процесот и во реформите на јавните политики преку вмрежување, инклузивни консултации и обуки. Доброто спроведување на ПВР ќе придонесе кон повисок квалитет на легислативата, зголемена вклученост на граѓаните, зголемено ниво на законска сигурност, подобро финансиско планирање и зголемена транспарентност на политичките процеси.

Сите анализи и истражувања спроведени во рамки на проектот се достапни на следниот линк:

Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази

Поврзани објави