Берлинскиот процес може да им помогне на земјите од Западен Балкан во соработката во борбата против верскиот и етничкиот екстремизам кои некогаш се поддржани и од други земји. Процесот исто така е добра платформа за соработка околу усогласување на самата безбедносна инфраструктура на Балканот со онаа на Европската Унија. Со тоа земјите од Западен Балкан кои веќе имаат искуство со учество во меѓународни мировни мисии може се претворат од корисници на безбедност во земји кои помагаат да се одржи безбедноста. Во оваа насока мора да се подобри размената на информации и соработката меѓу земјите што пак на ЕУ може да и понуди локална логистичка поддршка со што ќе се засили безбедносната улога на Унијата на меѓународен план.

Ова се дел од заклучоците на истражувачите од првата регуионална мрежа на организации и експерти за следење на Берлинскиот процес кои во Скопје промовираа два кратки документи за јавни политики:
– „Берлинскиот процес како актер во внатрешната безбедност и контра-тероризмот: Можности и опасности“ на авторките Јелка Клеменц од DCAF Ljubljana и Ивана Боштијанчиќ Пулко од CEP Slovenija и
– „Преиспитување на безбедноста: Западен Балкан како обезбедувач на услуги за безбедност“ на Доника Марку и Доника од Kosovar Centre for Security Studies.

Двата документи ги анализираат можностите како Берлинскиот процес може да се искористи за подобрување на безбедноста во земјите од Западен Балкан, а тоа да придонесе за унапредување на целокупната европска безбедност.

„Мигрантската криза покажа дека границите на Западен Балкан може да станат граници на ЕУ. Сепак отпорноста на регионот на безбедносните предизвици не може да се одржи доколку земјите не се вклучат во безбедносната инфраструктура на Унијата. Ваквата соработка се гледа и како главна тема на претстојниот самит во Лондон“ посочи Марку.

Марко Трошановски од Институтот за демократија рече дека иако процесот е една од најважните работи покрај агендата за проширување на Европската Унија сепак тој оставува во голем дел непознат за јавностите и носителите на одлуките во регионот.

„Ретко кој знае што опфаќа овој процес. Исто така видливи се веќе постоечките придобивки од процесот, но тие сепак не се доволно познати за јавноста. Мора да се зголеми видливоста на процесот и да се институционализира. треба да се вклучат граѓанските организации и парламентите на земјите кои се дел од Берлинскиот процес, но и да се фокусира агендата на процесот и тој да не се растегнува на премногу прашања поради тоа што така може лесно да се загуби фокусот“ вели Трошановски.

Бојан Маричиќ, советник на премиерот на Република Македонија за Берлинскиот процес смета дека процесот е успешна приказна и досега носи корист и резултати за вклучените земји од регионот, но и дека кај дел од нив постои резерва. Некои од земјите внимаваат да не навлезат подлабоко во процесот поради тоа што се плашат дека во одреден момент може да им биде кажано дека со вклученоста која ја нуди Берлинскиот процес имаат доволно интеграција и не им е потребна интеграција во ЕУ.

„Но за ова имаме цврсти ветувања дека тоа нема да биде случај. Процесот го привлекува вниманието на некои од земјите од ЕУ кон Балканот што е одлично со оглед на тоа дека забележавме дека во многу од нив постои недостаток на информации за состојбата во Западен Балкан. Процесот исто така е одлична вежба за владите, државите, економиите од регионот да вежбаат соработка која ги очекува и откако ќе влезат во ЕУ“ рече Маричиќ.

Мрежата на организации и експерти од Југоисточна Европа за следење на Берлинскиот процес SEE Think NET Network промовира уште три документи за јавни политики во Белград, Тирана и на самитот во Лондон.

Документите се достапни на англиски јазик на следните линкови:

The Berlin Process as an Actor in Internal Security and Counter-Terrorism: Opportunities and Pitfalls

Rethinking security: Western Balkans as a security provider