Формирана е првата мрежа на граѓански организации од Југоисточна Европа со задача да ги набљудува темите кои се дел од Берлинскиот процес – SEE Think Net Network.
Мрежата е формирана во март од организации од шесте земји од Западен Балкан дополнети со Словенија и Хрватска со поддршка од Европскиот фонд за Балканот. Координатор на Мрежата ќе биде Институтот за демократија од Македонија, а нејзини членки се и Мрежата за европско движење од Србија, Фондацијата отворено општетство од Албанија, EU Policy Hub, Мрежата Политикон од Црна Гора, Центарот за безбедносни студии од Косово, Институтот за развој и меѓународни односи од Хрватска, Центарот за европска перспектива од Словенија и Аднан Ќеримагиќ од Босна и Херцеговина.
Целта на SEE Think Net Network е да придонесува со анализи и предлози за политики кон темите кои произлегуваат од Берлинскиот процес со што ќе придонесе кон информираната јавна дебата и носење на одлуки засновани на истражувања. Тоа ќе вклучува и следење на целиот процес одблизу и политиките на државите кои ги допираат темите од Берлинскиот процес. Мрежата до самитот на земјите од Берлинскиот процес кој ќе се одржи во Лондон планира да објави една анализа на јавни политики за Берлинскиот процес и европската перспектива на регионот која ќе биде промовирана на самитот во Кралскиот институт за меѓународни односни на 9 и 10 јули. Дополнително, Мрежата ќе изработи уште 5 други анализи кои ќе се однесуваат на миграцијата, безбедноста и владеењето на правото кои ќе се промовираат во Скопје, Белград и Тирана неделата пред почетокот на самитот во Лондон.
Зоран Нечев од Институтот за демократија во својство на претставник на Мрежата ќе ја образложи нејзината улога на меѓународната конференција „Демократија која придонесува: Десет години подоцна, ослободување на потенцијалот на Западен Балкан“ која ќе се одржи во Софија на 16 мај.
Учесници на конференција се високи претставници на Европската Унија и САД, на државите од регионот меѓу кои и македонскиот премиер Зоран Заев и министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, меѓународни, регионални и граѓански организации организации и претставници на меѓународната донаторска заедница.