logo

Трка на 3, 6 и 9 со пречки: Препораката е обезбедена, што понатаму?

Share on facebook
Share on twitter

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер го следи спроведувањето и исполнувањето на реформите од Планот 3-6-9. Врз основа на методологијата развиена од ИДСЦС се проценува реализираноста на активностите наведени во планот.

Во таа насока 03-ти мај, 2018 година (четврток) со почеток од 10 часот во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, беше одржана прес-конференција на која беа објавени наодите од третиот извештај од следењето на реализацијата на активностите од Планот 3-6-9 во последните три месеци како и на планот во целина. Извештајот (достапен на македонски, албански и англиски јазик) заедно со инфографикот може да се најде на следните линкови:

Препораката е обезбедена, што понатаму? Набљудување на спроведувањето на последните три месеци од Планот 3-6-9

Rekomandimi është siguruar, çka në të ardhme? Monitorimi i zbatimit të tre muajve të fundit nga Plani 3-6-9

The recommendation has been secured, what is next? Monitoring the implementation of the last three months of the 3-6-9 Plan

Инфографик: Набљудување на спроведувањето на последните три месеци од Планот 3-6-9

Главен заклучок од овој извештај е дека главната цел на реформскиот План 3-6-9, добивање чиста препорака за отпочнување на пристапни преговори е постигната. Сепак, наодите од набљудувањето сугерираат дека, и покрај соодветната приоретизација на реформската агенда, делот 9 бележи делумно задоволителен статус на реализација.

Во однос на целокупниот план, она што може да се извлече како заклучокот од наодите е дека Планот 3-6-9 постигнува задоволителен степен на исполнетост на мерките кој изнесува 60%, додека 23% од активностите се немерливи. Планот задоволително (51%) ги адресира препораките од извештаите на Прибе и Итните реформски приоритети. За периодот што следи, од суштинска важност е изработката на нов реформски план во соработка со сите општествено-политички чинители, а земајќи ги предвид веќе преземените активности од планот 3-6-9 и забелешките од Извештајот на Европската комисија за Македонија.

На настанот со говори се обратија, Марко Трошановски, Јоханес Д. Реи, Зоран Нечев, Н.Е Бујар Османи и Н.Е Кристијан Тимоние и Лукаш Холуб , забележувајќи го следново:

Марко Трошановски, претседателот на ИДСЦС, истакна дека е „потребно е континуирано да се повторуваат пораките до граѓаните во насока на нивно поголемо информирање и разбирање на процесот на пристапување кон ЕУ и влијание во нивните секојдневни животи“.

Јоханес Д. Реи, Директор на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер за Македонија додаде дека „задоволителното исполнување на планот 3-6-9 не значи совршено исполнување, но можеме да заклучиме дека Владата соодветно ја завршила работата, што е за отпоздравување, но и за поттикнување да се остане на таа патека и да се засилат уште повеќе напорите, особено во соработката со опозицијата“.

Зоран Нечев, Проектен координатор и раководител на Центарот за европски интеграции при ИДСЦС елаборирајќи во детаљи за содржината на Извештајот истакна дека “Потребата од брзање во спроведувањето на реформи се намалува по добивањето на препорака и чекањето на исходот од Советот во Јуни. Ова добиено време може да се искористи во имплементација на суштински реформи за кои е потребно подолг временски период. Ова е важно поради фактот што постои потреба од подигнување на квалитетот на реформите преку продлабочена анализа и донесување на политики базирани на докази.”

За време на дискусијата на наодите од извештајот, Бујар Османи, Заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, истакна дека „Владата бележи речиси 90% исполнетост при што е земена предвид конзистентната методологија за мерење која се разликува од онаа на ѓраѓанските организации“. Османи додаде дека „излегуваме од реформскиот процес обележан со итност и продолжуваме во стабилна трансформација на општеството“.

Амбасадорот на Франција во Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние се надоврза и потенцираше дека „политичкиот систем треба да се зајакне, политичката култура да се промени во насока на постигнување на компромиси и да не се замени со култура на заборав. Тука го лоциран проблемот зошто планот 3-6-9 не можеше да е комплетено успешен. Владата и опозицијата треба да се во своевиден сојуз, каде секој ја игра својата улога“ – додаде тој.

За крај, Лукаш Холуб, Раководител на одделот за политички, внатрешни и прашања од правосудството, информации и комуникации при Делегацијата на ЕУ, заклучи дека „препораката за отпочнување преговори е успешна приказна. Ова е поинаква земја од онаа во 2015. Фокусот е на промените на подобро и носењето на Европска Унија во земјата“ – истакна тој.

Покрај овој извештај, ИДСЦС во рамки на набљудувањето на спроведувањето на реформите од Планот 3-6-9 објави уште два извештаи кои се однесуваат на претходните два периоди од реформскиот процес.

Извештаите од набљудувањето на спроведувањето на реформите се дел од проектот Perform on Reform” кој го спроведува ИДСЦС во соработка фондацијата Конрад Аденауер.

Поврзани објави