Институтот за демократија преку проектот „Собранието под лупа“ работи на исполнување на својата мисија за поддршка на развојот на демократските процеси преку промоција на креирање на политики базирани на истражување, анализи и консултација со засегнатите страни. Во таа насока можеме да заклучиме дека Собранието преку дискусијата на набљудуваните седници во периодот септември – декември 2017 не придонесе доволно кон унапредување на овие важни вредности кои се заеднички за секое демократско општество. Ова се дел од генералните наоди од набљудувањето на дебатата кои беа презентирани на брифинг со новинари кој се одржа во четвртокот на 22.03.2018.

Во периодот септември – декември 2017 беа набљудувани седум пленарни седници и девет комисиски расправи, а вкупно се набљудувани 1469 дискусии. Најдискутирани теми беа Предлог – законот за употреба на јазицитe и Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Според начинот на носењето на одлуките парламентот остана форум во кој спротиставените политички опции не ги менуваат своите позиции без разлика на искажаните аргументи.

За разлика од минатиот период (мај-авг 2017) во последниот период (сеп–дек 2017) не е забележан ниту случај кога пратеници од различна политичка опција, иако не ја менуваат својата позиција, сепак го признаваат квалитетот и вредноста на аргументи на своите соговорници од други партии.
Ако според партиската припадност на говорниците се анализира отвореноста кон аргументите на другите учесници на седниците може да се заклучи дека двете страни беа подеднакво затворени за ставовите на другите.

Опозицијата беше поактивна и учествуваше со 69% од дискусијата, а власта со 31%. Најактивни пратеници кои на собраниската говорница се задржаа најдолго се: Антонио Милошоски со 286 минути, Драган Цуклев со 223 минути и Илија Димовски со 222 минути.

pw-brifing-1

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други говорници произлегува дека тие во една третина од дискусиите (33%) делумно одговараа на упатените аргументи, а делумно ги извртуваа или игнорираа. Во 17% од случаите аргументите беа целосно извртени, а во 8% од случаите беа целосно игнорирани.
Притоа, пратениците од мнозинството почесто директно одговараа само на дел од упатените аргументи, а другите ги извртуваа или игнорираа. Кај пратениците од опозицијата поголем е процентот на дискусии во кои целосно се игнорираат претходно упатени аргументи – 18% споредено со мнозинството – 8%.
Пратениците, како и во претходно набљудувани периоди, повторно, почeсто се одлучуваа да се осврнуваат на личноста на нивните колеги отколку на упатените аргументи.
Препораки:
Институтот за демократија во насока на остварување на доброто управување, владеењето на правото и засилувањето на партиципативната политичка култура смета дека овој состав на Собранието има можност сериозно да придонесе кон унапредувањето на овие цели во општеството.
Препoраките кои произлегуваат од досегашното следење и набљудување на парламентарната дискусија се дека пратениците можат значително да придонесат кон нормализирањето на политичката состојба и атмосфера во Собранието доколку:
– Користат повеќе аргументи во дискусиите кои ќе бидат поддржани со истражувања и анализи,
– Повеќе се фокусираат кон анализа на аргументите, отколку кон личноста на пратениците.
– Се воздржат од искажување на различни форми на непочитување.
– Повеќе се фокусираат кон соработка и решавање на прашањата и проблемите во најширок јавен интерес.
– Се отворат кон предлози и консултации со граѓанското општетство.
– Ја засилат законодавна иницијатива.
– Повеќе се фокусираат кон надзор на работата на извршната власт.
– Иницираат промени во Деловникот во делот на зголемување на правото говорниците да можат подолго и почесто да дискутираат.

Целосниот извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот септември-декември 2017 е достапен на македонски и албански јазик на следните линкови:

Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (септември – декември 2017)
Raport nga monitorimi i cilësisë së debatit në Kuvendin (shtator – dhjetor 2017)

Сите досегашни наоди од проектот Собранието под лупа се достапни на следниот линк:

https://idscs.org.mk/mk/2015/09/01/sdc-sobrqnieto-pod-lupa/