Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС во соработка со фондацијата Конрад Аденауер го следи спроведувањето и исполнувањето на реформите од Планот 3-6-9. Врз основа на методологија развиена од ИДСЦС се проценува реализираноста на активностите наведени во планот. Вториот извештај кој се однесува на вторите три месеци од спроведувањето на планот, e јавно презентиран на 5 март 2018, понеделник, во ЕУ Инфо Центар.
Следењето на спроведувањето на делот 6 од планот 3-6-9 открива дека од вкупно предвидените 31 активност:
- 16 активности (52%) се исполнети,
- 5 активности (16%) – се делумно исполнети,
- 6 активности се неисполнети (19%),
- 4 активности (13%), се немерливи.
Делот 6 се однесува на период од локалните избори до крајот на 2017 година. Споредено со делот 3, процентот на исполнети активности е во пораст од 41% на 52%, исто како и процентот на неисполнети активности од 14% на 19%. Процентот на делумно исполнетите активности останува ист, односно 16%, бележиме пад во процентот на немерливи активности од 29% на 13%.
Се забележува подобрување на Планот во насока на зголемување на неговата мерливост и предвидливост. Друг позитивен момент е што Владата, овој пат, го објави планот во целост односно ги објави активностите кои треба да бидат преземени за целото времетраење на планот 3-6-9. Исто така, како позитивно се оценува и направената приоретизација во однос на реформски области. За разлика од претходниот план, овојпат, акцентот е ставен на реформите во правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и јавната администрација.
Покрај овие позитивни моменти, евидентни се и аномалиите кои се повторуваат во оваа, како и во претходната верзија на Планот. Имено, застапени се мерки кои по својата природа се континуирани активности на институциите или нивна ресорна надлежност. Тие не се и не можат да бидат реформска активност.
Што се однесува до процентот на адресирани препораки од извештајот на Прибе од 2015 година и Итните реформски приоритети на Европската комисија, активностите во делот 6 го запазуваат истиот опфат како со делот 3. Оттука, 8 активности од вкупно 31 – колку содржи планот, за овој временски период можат да се поврзат со овие два извештаи. Слична е ситуацијата и со усогласеноста на мерките во делот 6 со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА 2016 – 2018 и нејзиниот анекс 2017 – 2020). Додека во делот 3, 8 од 73 мерки (11% од мерките) произлегуваат и се усогласени со НПАА и/или нејзиниот анекс, во делот 6 само 3 од 31 мерка (10% од мерките) покажуваат таква усогласеност. Мало, незначително подобрување од 25% на 29% се забележува во адресирање на препораките од вториот извештај на Прибе од 2017 година.
За повеќе детали од наодите погледнете го целосниот извештај достапен на следните линкови:
Извештај: „Трка на 3,6 и 9 со пречки. Кон чиста препорака?“(МК)
Raport: “Garë në 3, 6 dhe 9 me pengesa. Drejt një rekomandimi të pastër?”(SHQ)
Report: “Hurdling on 3, 6 and 9. Towards an unconditional recommendation?” (ENG)
Инфографик од главните наоди од набљудувањето е достапен на следниот линк:
Инфографик: „Трка на 3,6 и 9 со пречки“
Извештаите од набљудувањето на спроведувањето на реформите се дел од проектот “Perform on Reform” кој го спроведува ИДСЦС поддржан од фондацијата Конрад Аденауер.