sobranie-na-rm-640x360

Институтот за демократија во рамки на проектот „Собранието под лупа“ спроведе теренска анкета на 1000 испитаници за перцепциите на граѓаните и јавноста за работата на Собранието во периодот од јули 2016  до август 2017. Анкетата е спроведена од 8 до 29 август 2017 и се однесува на работата на два парламентарни состави, односно составот до парламентарните избори и составот избран на изборите кои се одржаа во декември 2016.

Основните наоди од испитувањето на јавното мислење се:

  • Повеќе од две третини од анкетираните граѓани (70%) сметаат дека Собранието игра значајна улога во политичкиот живот во државата, наспроти 16% кои сметаат дека улогата на парламентот е незначителна. Вкупно 12% од испитаниците не знаат дали Собранието е значајно, што укажува на непознавање или незаинтересираност за работата на Собранието.
  • Доминантен извор за информирање за работата на Собранието останува телевизијата за 67% од анкетираните, а 22% од интернет односно сајтови за вести и социјални мрежи.
  • Забележливо е дека само кај анкетиртаните на возраст од 18 до 30 годишна возраст интернетот е главен извор за информации за Собранието. Кај сите останати групи доминира телевизијата.
  • Перцепцијата на поголем дел од испитаниците е дека Владата го контролира Собранието, а парламентот нема контрола врз извршната власт. Според Уставот состојбата треба да биде спротивна односно Собранието да ја контролира Владата
  • kontrola
  • Споредено со претходните години зголемена е перцепцијата кај граѓаните дека Собранието може да има умерено или големо влијание врз квалитетот на законите без разлика дали тој е добар или слаб. Притоа 36% се умерено задоволни од квалитетот, 24% умерено незадоволни, а 23% целосно незадоволни. Само 6% одговорија дека се задоволни.
  • Повеќе од половината од анкетираните сметаат дека законите во Македонија се менуваат често или премногу често.
  • Според перцепцијата на граѓаните најважна функција на Собранието е да носи што е можно поквалитетни закони. На второ место тие ја рангираат функцијата да го контролира трошењето на Буџетот и да се грижи како се спроведуваат законите. На трето место според важност за граѓаните е Собранието да ја надгледува и контролира работата на Владата. Од друга страна, перцепцијата е дека парламентот не ги спроведува во доволна мера овие функции.
  • funkcii
  • Вкупно 44% од испитаниците не препознаа ниту еден од пратениците кои беа избрани во нивните изборни единици на последните парламентарни избори.
  • Кај граѓаните продолжува да преовладува перцепцијата дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на својата политичкИ а партија и сопствените лични интереси. 52% од испитаниците сметаат дека пратениците само понекогаш ги застапуваат интересите на граѓаните.
  • Сепак, испитаниците за работата на Собранието во ова истражување дадоа највисока средна оценка досега споредено со претходните години односно оценка од 3,4 што во најголем дел може да се должи на оптимизмот од промените и очекувањата парламентот да го заземе своето место во политичкиот систем како највисоко претставничко тело на граѓаните и контролор на извршната власт.

Целосниот извештај од анкетата е достапен на следниот линк:

Резултати од теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието 

Rezultate nga anketa në terren për percepcionet e qytetarëve për punën e Kuvendit