3-6-9-nova

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) поддржан од фондацијата Конрад Аденауер го следи спроведувањето и исполнувањето на реформите од Планот 3-6-9, врз основа на методологијата развиена од ИДСЦС според која се проценува реализираноста на активностите наведени во планот. Првиот извештај кој се однесува на првите три месеци од спроведувањето на планот, беше јавно презентиран на 28ми ноември, вторник, во ЕУ Инфо Центар.

Во извештајот се констатира делумна исполнетост на активностите предвидени за првите три месеци. Oд вкупно 73 наведени активности, целосно се исполнети 41%, додека како делумно исполнети се оценети 16%, а како неисполнети 14% од активностите. Дополнително 29% од активностите се оценети како немерливи.

Анализирано според областите во кои се спроведуваат реформите констатирано е дека:

  • Во законодавната власт од вкупно 9 активности, 3 се исполнети, а 6 се немерливи;
  • Во делот на безбедносните служби од 6 активности, 3 се исполнети, 1 е делумно исполнета, 1 не е исполнета, а 1 е немерлива;
  • Во делот на судската власт од 13 активности, 6 се исполнети, 3 делумно исполнети, 1 не е исполнета, а 3 се немерливи.
  • Во делот на реформата на јавната администрација од 7 мерки, 4 се исполнети, а 3 се немерливи.

Како немерливи се оценети активности за кои не може да се утврди статусот на исполнетост односно не постои кредибилен извор преку кој може да се согледа нивната оствареност. Тука се сместени и активности кои треба да се реформулираат со цел да се утврдат показатели и активности кои по својата природа спаѓаат во надлежност на други институции односно на Собранието или судската власт.

ИДСЦС го поздравува напредокот во исполнувањето на амбициозно планираната реформска агенда застапена во Планот 3-6-9. Сепак се забележува дека и покрај амбициозноста на Владата за враќање на патот кон ЕУ, активностите предвидени во планот се под посакуваното ниво на реформските активности кои Владата има капацитет да ги подготви и следи.

Планот е потребно да се дополни со активности кои директно ги адресираат клучните препораки и приоритети содржани во Извештајот на Прибе и итните реформски приоритети. Суштинска е и потребата за подобро и попрецизно дефинирање на крајната цел која Владата сака да ја постигне со предложените активности и реформи.

ИДСЦС во рамки на набљудувањето на спроведувањето на реформите од Планот 3-6-9 ќе објави уште два извештаи кои ќе се однесуваат на следните два периоди од реформскиот процес. Секој извештај ќе се објавува по објавувањето на владиниот извештај за 6 и тој за 9 месечниот реформски период.

Извештаите од набљудувањето на спроведувањето на реформите се дел од проектот Perform on Reform” кој го спроведува ИДСЦС поддржан од фондацијата Конрад Аденауер.

Целосниот извештај е достапен на следниот линк:

Извештај: „Трка на 3,6 и 9 со пречки“(МК)

Raport: “Gara e 3, 6 dhe 9 me pengesa”(SHQ)

Report: “Hurdling on 3, 6, and 9” (ENG) 

Инфографик од главните наоди од набљудувањето е достапен на следниот линк:

Инфографик: „Трка на 3,6 и 9 со пречки“