58b88eda-fd1b-42c6-b8a5-0fcda5e787a1

Стравот и предрасудите кон луѓето од исламска вероисповест се најголем извор на стигматизација кон бегалците и мигрантите кај младите луѓе од осум европски земји, (четири од Западен Балкан меѓу кои и Македонија и четири земји-членки на ЕУ) кои одговорија на онлајн анкетата за испитување на стигматизирачките ставови кај младите.

Наодите покажуваат дека стравот и предрасудите кај младите луѓе се зголемуваат во најголем дел поради засилувањето на националните чувства и загриженоста поради тероризмот во светот. Ваквиот однос и чувства се поизразени кај младите кои живеат во рурални срединиотколку кај оние од градски средини. Притоа, контактот со бегалците го намалува нивото на исламофобија и стигма на младите кон овие луѓе.
Главни наоди од истражувањето

  • Исламофобијата кај младите луѓе на вкупниот примерок на скала од 1 до 5 е оценета со средна оценка од 2.75.
  • Младите луѓе од Западен Балкан се помалку исламофобични отколку нивните врсници од Европа. Нивото на исламофобија кај младите луѓе во Западен Балкан е 2.5, а за младите луѓе од европските земји 2.9.
  • Иако исламофобијата е првенствено поврзана со прашањето на религијата, истражувањата покажаа дека силата на националниот идентитет, а не на степенот на религиозност, игра поголема улога врз исламофобијата.
  • Според истражувањето просечното знаење за исламската религија е релативно ниско (на скала до 6 е 2.2), што може да укаже дека негативните ставови кон исламот се засноваат и на недоволна информираност.
  • Податоците од истражувањето сугерираат дека лице со силно развиен однос со неговата национална група има 12% повисок степен на исламофобија отколку лице кое нема толку силен однос кон својот национален идентитет.
  • На скала од 1 до 5, степенот на стигма кон имигрантите кај младите луѓе од ЕУ изнесува 2.76. Од нив 35% изјавија дека никогаш немале контакт со имигрантите.
  • Ова ниво кај младите луѓе од Западен Балкан е нешто пониско односно 2.65. Меѓутоа од испитаниците дури 67% изјавија дека не биле изложени на каков било контакт со имигрантите. Ова може да укаже на постоење и поголема изложеност на предрасуди и стереотипи кај младите луѓе од Балканот споредено со нивните врсници од Европа.
  • Истражувањето укажува дека главната причина за негативни ставови кон имигрантите е негативната перцепција на исламската религија.
  • Формалното образование игра клучна улога во намалувањето на нивото на исламофобија кај младите луѓе во Европа, додека за младите од Западен Балкан поголема улога има знаењето, односно специфичното знаење за исламската религија.

Политичка радикализација
Во истражувањето се испитуваше и политичката радикализација, односно тенденцијата на младите луѓе да се вклучат или да поддржат насилна акција со која ќе се постигне политичка цел.

  • Шансата млада личност да поддржува екстремна политичка акција е повисока за 38% за младите луѓе кои се крајно исламофобични.
  • Младите луѓе во Западна Европа имаат поголема веројатност да поддржат насилни протести, додека младите луѓе од Западен Балкан обично се склони кон „нарушување на редот“.

Што ги загрижува младите?

  • Младите луѓе од земјите од Западен Балкан сметаат дека најголема безбедносна закана е организираниот криминал (4.41 на скала од 1 до 5).
  • На второ место, како закана за безбедноста, младите гледаат во тероризмот, иако тоа е позагрижувачко за младите луѓе од ЕУ (3.74) споредено со младите од Западен Балкан (3.42).
  • На трето место е имиграцијата која повеќе ги загрижува младите луѓе од ЕУ (3.29) отколку младите од ЗБ (3).

Целосното истражување е достапно на следниот линк:

Анкета: Поттикнување на промена на стигматизирачки ставови

Истражувањето е направено во рамките на проектот “Поттикнување на промена на стигматизирачки ставови” кофинансиран од Еразмус + програмата на Европската Унија која Центарот за демократска транзиција од Црна Гора го спроведува со JumpIn – Италија, Proni -Центарот за развој на млади во Босна и Херцеговина, Централно европско наследство – Унгарија, Центар за заштита и помош на барателите на азил – Србија, EUFRAK-EuroConsults – Германија, Институт за демократија “Societas Civilis” – Македонија и Европската асоцијација на проекти – Белгија.