konstitutivna

Конститутивната седница почна на 27 март, имаше 21 продолжение и заврши на 31 мај 2017 година што воедно ја прави најдолга ваква седница во историјата на парламентот.

На пратениците од опозицијата отпаѓаат 81% од дискусиите. Најактивен пратеник беше Илија Димовски, кој зема збор 132 пати, на второ место е Крсто Мукоски со 91 и трет е Зоран Илиоски со 77 дискусии.
Според типот на дискусиите за време на конститутивната седница соодносот е речиси еднаков – 34% од дискусиите беа реплики, 33% контра-реплики, а 32% говори.

Според политичката припадност на говорниците, говорите од 10 минути се скоро еднакво распределени кај мнозинството и опозицијата, но опозицијата доминира кај репликите (92%) и контра-репликите (100%).
Во 29% од дискусиите пратениците не презентираа никаков аргумент. Во половина од дискусиите аргументираноста е слаба (50%) односно недоволна за да се смета за еден целосен аргумент. Во 20% од случаите е идентификуван само еден аргумент со кој ја образложуваат нивната позиција. Два аргументи се забележани во 1% од дискусиите, а повеќе од два не се забележани во текот на целата седница.

Степенот на аргументација според политичка припадност покажува дека пратениците од мнозинството во своите излагања беа поаргументирани. Во 46% проценти е идентификуван најмалку 1 аргумент, а кај пратениците од опозицијата во само 15%. Останатите дискусии на пратениците и од мнозинството и од опозицијата се со слабо образложение или без никаков аргумент.

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други говорници произлегува дека тие најчесто (48%) само делумно директно одговараат на нив. Односно, одговараат на еден од дел, а останатото го извртуваа или игнорираа. Говорниците во само 6% од дискусиите одговорија директно на аргументи кои им ги упатиле други пратеници.

Пратениците продолжуваат со непроменливоста на ставовите и позициите во текот на дискусиите. На набљудуваните седници не е забележана промена на ставот поради подобри аргументи изнесени од други говорници.

Во 47% од дискусиите немаше промена на ставови поради тоа што пратениците кои беа од иста партија имаа иста позиција и си ја признаваа вредноста на аргументите. Во 32% од дискусиите кај говорниците не е забележан никаков позитивен или негативен однос во врска со изнесените аргументи од други говорници.
Во 20% од случаите пратениците останаа на својот став, а притоа не ја признаа вредноста на аргументите на другите говорници. Во само 1% пратеници имаа различна позиција, не променија својот став, но сепак прифатија дека и аргументите на други говорници имаат вредност.

На набљудуваните седници говорниците почесто се осврнуваа кон линоста на другите пратеници, отколку кон аргументите. Притоа, почитување е искажано само во 2% од случаите, а делумно почитување во 54%. Тоа значи дека говорниците во голем дел од дискусиите вметнуваа подбивни или поблаги навредливи изрази и напади кон личноста на своите колеги од спротивните политички опции. Во 28% од дискусиите пратениците немаа референца кон личноста на другите.

За разлика од почитта кон личноста, во однос на аргументите, пратениците во 73% од дискусиите не искажаа никаков однос на почитување или непочитување. Во 24% од дискусиите искажаа делумно почитување.

Може да се каже дека конститутивната седница целосно им припадна на пратениците мажи со оглед на тоа дека на нив отпаѓаат 72% од дискусиите, а на пратеничките 28%.

Според времетраењето најголема минутажа отпадна на процедуралните дискусии, вкупно 1.635 минути или повеќе од 27 часа. Репликите зафатија вкупно 1.596 минути – 26 часа, а контра-репликите 523 минути или скоро 9 часа.

Целосниот извештај за квалитетот на дебатата на конститутивната седнцица е достапен на следните линкови на македонски и албански јазик:

Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието – Kонститутивната седница
– Raport nga monitorimi i cilësisë së debatit në Kuvendin – Seanca konstitutive