5

Собранието мора да го фати реформскиот бран и со промена на дел од процедурите и начинот на кој работат пратениците да може да ги исполни очекувањата за силен надзор врз работата на Владата, за подобрување на парламентарната дебата и за соработка и вклучување на граѓанските органзации во работата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи на Беса, СДСМ и ДУИ и претставниците на домашните и меѓународни организации кои учествуваа на конференцијата „Зајакнување на улогата на Собранието – Помеѓу реформите и политичката волја“ организирана од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ се единствени околу потребата за вакви реформи во Собранието.

Граѓанските организации ги презентираа своите предлози од документот „Предлог за итни демократски реформи“ во три сесии кои ги опфатија темите за „Унапредување на надзорната улога на собранието на РМ“ , „Квалитет на дебата“ и „Зголемување на вклученоста на граѓаните во работата на Собранието“.

Џафери во воведното обраќање посочи дека со оглед на тоа што моќта по правило е кај извршната власт, зајакнувањето на надзорната улога на Собранието преку соодветни механизими и европски практики, ќе придонесе во подигнувањето на нивото на одговорност од страна на извршната власт.

„Ако погледнеме од нормативен аспект, не постојат поголеми пречки за остварување на надзорната функција на Собранието врз извршната власт. Сепак, практиката заостанува зад нормативното уредување. Во тој контекст, потребна е политичка волја за создавање на практика за вистинска контрола над извршната власт. Убеден сум дека ова парламентарно мнозинство ја има онаа потребна критична волја која би ги придвижила работите во една позитивна насока кога станува збор за остварување на надзорната функција“ изјави Џафери.

6

Претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски, рече дека од новиот парламентарен состав приоритетно се очекува конкретно и суштински да ја врши надзорната улога, која му е една од суштинските улоги. Затоа треба да се направат деловнички измени, но пред сѐ треба да се натераат регулаторните и надзорните тела и агенции, да работат одговорно, ефикасно и луѓето што ги раководат да преземат одговорност доколку не функционираат.

Во првата сесија говорниците Миша Поповиќ од ИДСЦС, Марија Саздевски од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, Ардита Абази од „Мрежа 23“ и Хари Локвенец пратеник од СДСМ  и заменик претседател на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците  се осврнаа кон искуствата од досегашното искуство со надзорните расправи и контролата врз институциите.

Меѓу другото учесниците наведоа дека надзорните расправи мора да вклучат и експерти од различни области како и обврска за сите раководители на државни институции и регулаторни тела повикани како сведоци да мораат да се присуствуваат на ваквите седници или да се соочат со санкции доколку одбијат. Во оваа сесија се изнесоа и предлози за подобрување на фокусот на парламентот со тоа што да почне да работи во циклуси од по шест недели. Еден циклус да содржи две недели средби на пратениците со конституенти, потоа две недели комисиски расправи и на крајот две недели пленарни седници.

4

На сесијата посветена на подбрување на парламентарната дебата како основна алатка во создавањето на законите и политиките, учествуваа Јане Димески од ИДСЦС, Златко Атанасов раководител на Парламентарен институт, Шпреса Хадри – заменик координатор на пратеничката група на ДУИ, Африм Гаши координатор на Беса, Томислав Тунтев координатор на СДСМ и поранешната пратеничка од СДСМ Цветанка Иванова.

Учесниците го контатираа долготрајното назадување и падот на квалитетот на дебатата во парламентот и покрај предлозите на граѓанските организации за подобрување на состојбата, наведоа дека е потрено и менување на изборниот модел и подигнување на политичката култура во самите партии.

На сесијата за зголемување на граѓанското учество во работата на Собранието се обратија Дарко Алексов од граѓанската асоцијација „Мост“, Неда Наумовска од Фондација отворено општество Македонија, Слаѓана Марјановиќ Пановска од Националниот демократски институт и Дамир Незири од Вестминстер Фондација.

Учесниците меѓу другото наведоа дека собранискиот Деловник треба да се прецизира во делот на отвореноста на седниците, парламентот да ја подобри достапноста до информациите од седниците на комисиите како и од  средбите на пратениците со граѓаните.

Од содржината на дискусиите во трите панели ќе се изработат препораки кои ќе се искористат дополнувања и допрецизирање на предлозите за реформи во Собранието наведени во „Предлогот за итни демократски реформи“.

Претставниците на најголемата парламентарната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не се одзваа на поканата за учество на  конференцијата.