Општините имаат позитивни практики во делот на вклученоста на граѓанските организации и граѓаните во работата со социјално ранливите групи, но тие не се доволни и мора да се прошират. Ова се дел од заклучоците од извештаите кои ги изработија граѓански организации од набљудувањето на програмите за социјална заштита на општините Велес, Пробиштип и Куманово во рамки на проектот „Унапредување на социјалната вклученост преку ефективно искористување на ЕУ фондовите“ финансиран од Европската Унија.

Истражувачите забележуваат недостатоци и можности за подобрување во работата на општините при организирањето на социјалната заштита. Притоа, како најчести проблеми се посочуваат недоволите пари и луѓе ангажирани во програмите за социјална заштита како и потребата за поинтензивна работа на терен со засегнатите граѓани. Се забележува и потреба за уште поголема соработка со граѓанските организации особено во делот на заедничката изработка на проекти и нивно аплицирање.

Извештаите беа презентирани пред јавноста, граѓанските организации, градоначалникот и претставници на општината Велес. Генералната тема која ја се обработува во нив се програмите за социјална заштита (оперативни и акциски планови) на општините Велес, Куманово и Пробиштип. Извештаите се структуирани како документи за јавни политики и со тоа нудат практични препораки за подобрување на воочените слабости при спроведувањето на програмите за социјална заштита кои можат да бидат особено корисни за креаторите на јавни политики и донесувачи на одлуки на локално ниво.

Трите извештаи се достапни на следниот линк:

Збирка на мониторинг извештаи: Социјална заштита и вклученост на локално ниво

На настанот се презентираат и два кратки документи за јавни политки:

„Подобрување на соработката на граѓанските организации и државните институции во насока на унапредување на системот на социјална заштита во Република Македонија” и
“Како до подобар систем на социјална заштита во Република Македонија”.

Институтот за демократија “Социетас Цивилис” Скопје, во соработка со Асоцијација за Демократски Иницијативи (АДИ) од Гостивар и Организацијата на Жени од Општина Свети Николе (ОЖОСВ) преку проектот „Унапредување на социјалната вклученост преку ефективно искористување на ЕУ фондовите“ финансиран од Европската Унија со 135 611 евра спроведе 4 обуки за Центрите за социјална работа и граѓански организации од цела Македонија за ЕУ проектен дизајн и менаџмент.

На следниот линк достапни се повеќе информации за проектот и истражувањата кои произлегоа од него:

Унапредување на социјалната вклученост преку ефективно искористување на ЕУ фондовите