• Известувањето од дебатите на седниците се спушти на најниско ниво досега, споредено со претходните периоди на набљудување, септември – декември 2015 и јануари – 6 април 2016.
• Медиумите најчесто објавуваа информации во кои пратеници коментираат други случувања коишто не се директно поврзани со Собранието. На второ место се информациите во кои Собранието само се спомнува, но содржината не се однесува на неговата работа, туку на политичката криза и односите меѓу најголемите партии.
• Од парламентарните дискусии медиумите, најчесто, информираа од седниците на кои се дискутираа ребалансот на Буџетот за 2016 и задолжувањето преку еврообврзницата, за аболицијата и иницијативата за импичмент на претседателот Иванов, како и за изборните реформи како прочистувањето на избирачкиот список и менување на изборниот законик, како резултат на неодржување на изборите на 24 април и на 5 јуни.
• Најчесто консултирани извори во објавените информации се пратениците, но нивната застапеност е на најниско ниво споредено со претходните набљудувани периоди. На второ место според застапеноста се политичките партии, а потоа владините министри.
• Во поголем дел од информациите во кои како извори се наведени пратеници се застапени пратеници од една политичка опција, а во помал дел се застапени истовремено пратеници и од власта и од опозицијата.
• Утрински весник објави, севкупно, најмногу информации (25%) во кои се спомнуваат Собранието и пратениците или се однесуваат на работата на парламентот. На второ место во овој период е Дневник (19%), а трет е Коха (18%).
• Најголем процент од информациите објавени на МТВ 2 (58%) и на Телма (54%) се фокусираа на дебатите на седниците. Дневник (62%), Сител (42%) и Вечер (39%) најчесто објавуваа информации во кои пратеници коментираа други случувања кои директно не се поврзани со Собранието. Алсат-М (42%, Слободен печат (44%), Коха (41%) и Утрински весник (35%) најчесто го спомнуваа Собранието во контекст на други политички случувања во државата.
• Телевизијата „Телма“ најчесто објавуваше информации во кои истовремено се застапени пратеници од двете политички опции (91%). Пратеници од двете политички опции во парламентот се застапени и во поголем дел од информациите објавени и од телевизијата „Алсат-М“ (67%) и од „МТВ2“ (58%) . Во 75% од информациите објавени во весникот „Слободен печат“ извори се пратеници само од опозицијата, а во весникот „Вечер“ во 71% извори се само пратеници од мнозинството.
• Зголемен е процентот на информации во кои е наведен само еден извор и информациите без извори, споредено со претходниот набљудуван период. За сметка на тоа опаднати се информациите во кои се наведени два, три и повеќе од три извори.
• Објавените информации кои се однесуваат на Собранието најчесто се структурирани како информативни извештаи (61%) или кратки вести со основни информации за настаните (14%). Вкупно 13% отпаѓаат на статии кои покрај информативните содржат и аналитички елементи. По 6 % од информациите за Собранието се структурирани како анализи или коментари.

За целосните наоди од набљудувањето на медиумското известување за работата на Собранието во периодот од 7 април до 31 јули 2016 погледнете го прикачениот целосен извештај на македонски и на албански јазик.

Во прилог е и семантичкиот облак од најкористените 100 зборови во насловите и поднасловите во весниците и во најавите на телевизиските прилози кои се однесуваат на Собранието.

Претходните извештаи од набљудувањето на медиумското известување за Собранието и од набљудувањето на квалитетот на дебатата во парламентот изработени во рамки на проектот Собранието под лупа се достапни на следниот линк:

СДЦ – Собранието под лупа