Работилница за „Намалување на јазот меѓу формалните и неформалните институции на Балканот”, од проектот ИНФОРМ во рамки на програмата за научно истражување и иновација ХОРИЗОНТ 2020 се одржува во Лондон, Велика Британија.

Учесниците во проектот во Лондон ги презентираат истражувачката агенда на проектот, пред се плановите за изработка на студии на случаи кои ќе анализираат некои неформални пракси од сферата на поличкиот, економскиот и секојдневниот живот. Презентациите на работилницата се наменети и за запознавање на засегнатите страни од меѓународната политичка и стручна јавност со проектот.

Целта на проектот е да ја анализира политичката, економската и општествената средина во земјите-кандидати за членство во Европската унија, вклучувајќи ги и потенцијалните земји-кандидати од Балканот. Резултатите од истражувањето ќе овозможат поефективна интеграција во ЕУ и истовремено ќе обезбедат цврста платформа за хармонизирање на ставовите на засегнатите страни.

Балканскиот регион има искусено бројни бранови на многу значајни промени во текот на изминатиот век. Проектот ИНФОРМ се заснова на набљудувањето дека самите промени може да предизвикаат одредени културни реакции, вклучително и продлабочување на јазот помеѓу формалните и неформалните институции. Целта на проектот е да ги истражи постоечките пракси и да обезбеди предлози за намалување на овој јаз, притоа земајќи предвид дека некои неформални институции би можеле добро да функционираат и не би имало потреба да се променат во текот на процесот на пристапување.

Врз основа на увиди добиени од антропологија, економија, социологија и политички науки, истражувањето ќе резултира со сеопфатни податоци за улогата на формалните и неформалните институции и практики во политичката, економската и општествената средина, како и нивната меѓусебна интеракција во секоја од опфатените балкански држави. На тој начин истражувачкиот проект ќе овозможи поизбалансиран процес на интеграција кон ЕУ, притоа земајќи предвид фактори како што се локални специфичности и традиции.

Резултатите од проектот ќе ѝ понудат на Европската комисија длабинско разбирање на регионот и препораки за релевантнo креирање на политики.

Обемниот истражувачки проект ќе ги покрие следните теми:
• Формалната и неформалната политичка средина, на пример, процеси на донесување на одлуки од важност за општеството, изборни процедури, етички аспекти на лобирање, и дијалог со ЕУ институции;
• Имплементација на ЕУ правила и регулативи, на пример, локални ставови и традиции кои го обликуваат процесот на преговарање и пристапување;
• Економска средина, на пример, обезбедување квалитет помеѓу домашните производители и култура на плаќање данок;
• Анализа на одредни аспекти од секојдневното живеење, на пример, родова и социјална еднаквост.

“Целта на овој истражувачки проект е да придонесе кон нашето разбирање на општествената промена и реформските процеси, притоа одејќи под површината на овие феномени. Иако знаеме кои правни и регулаторни промени се направени и очекувани, сепак знаеме многу помалку за тоа што навистина се случува во секојдневниот живот. Секој кој живее или има искуство од регионот е свесен за несогласувањето помеѓу формалниот свет на законите, од една страна, како и неформалниот свет на практики за завршување на важните работи, од друга страна. Понекогаш неформалните пракси ги заменуваат формалните, некогаш тие се во конкуренција, а понекогаш тие допринесуваат кон работата на институциите и ги прават пофункционални. Нашето истражување ќе создаде емпириски базирано разбирање на оваа динамика, кое ќе се приложи на креаторите на политики како начин да се придонесе кон реформи со реален ефект“ вели Ерик Горди, член на раководниот одбор на ИНФОРМ.

inform

Преку учеството во овој научно истражувачки проект и соработката со Универзитетскиот Колеџ Лондон, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“- Скопје, покрај регионално, почнува да делува и меѓународно и станува дел од европската научно истражувачката елита.

Проектот од програмата Хоризонт 2020, ИНФОРМ е спроведуван од повеќе од 40 истражувачи од 9 партнерски организации во 9 држави. Проектот е воден од Школата за словенски и источно европски студии од Универзитетскиот Колеџ Лондон (Велика Британија). Истражувачката работа ќе биде имплементирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (Македонија), Институтот за етнологија и фоклор (Хрватска), Универзитетот на Марибор (Словенија), Центарот за применети интердисциплинарни општествени истражувања (Босна и Херцеговина), Центарот за емпириски културни студии на Југоисточна Европа (Србија), Центарот за историски и антрополошки истражувања (Албанија), Социјално истражување Косово (Косово), и Рига Страдинш Универзитетот (Латвија).

Повикот од Хоризонт 2020, „Европа како глобален актер“ има за цел засилување на меѓународната позиција на Европската унија преку меѓународна соработка и унапредување на цврста база на знаење. Помеѓу останатото, целта е да се придонесе кон развој на потребните аналитички и теоретски алатки кои ќе ја фасилитираат улогата на Европската Унија како глобален актер. Практично, оваа цел побарува сеопфатно знаење на меѓународното опкружување, вклучувајќи ги и соседските региони и клучни партнери, како и критичка евалуација на тоа што ЕУ е во можност и не е во можност да постигне во нејзиниот пат кон постигнување на праведен глобален поредок.

Поконкретно, ИНФОРМ (INT-10-2015) како тематкса целина ги адресира предизвиците во интеграцијата со кои се соочуваат ЕУ и шесте држави од Западниот Балкан кои моментално се кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ.

Локација на инаугуративната работилница:
Универзитетски колеџ Лондон, Школа за словенски и источно европски студии.