Индиции за користење на земјоделските субвенции за политичка корупција, кои се и чии се фирмите поврзани со случајот „Транспортер“ и што треба да се направи за да се заплени имот од случаи со корупција. Ова се темите на кои истражуваа и новинарите Влатко Стојановски, Владо Ѓорчев и Кристина Озимец за што добија награди од конкурсот за истражувачки стории за корупција кој го организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција.

Комисијата составена од Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии, Ана Петрушева од Балканската истражувачка мрежа, Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, Гонце Јаковлевска од МЦМС и Јане Димески од ИДСЦС одлучи првата на награда во конкуренцијата од девет пријавени истражувања да се додели на новинарска сторија на Стојановски. Во сторијата „Владата потроши една милијарда евра на субвенции, а увозот на храна е удвоен“ објавена во неделникот Фокус, споредбено се анализираат податоците за наменети и исплатени субвенции за земјоделско производство низ годините со зголемувањето на увозот на земјоделски производи.

Втората награда ја доби сторијата на новинарот Ѓорчев објавена во два дела „Превозниците од „Транспортер“ не сопреа, туку тераат по старо, па и уште побрзо“ и „Превозниците ги проширија линиите, а СЈО истрагата зa „Транспортер“ на агенцијата Мета. Приказната ги истражува сопственичките односи меѓу транспортните компании кои Специјалното јавно обвинителство ги објави во случајот „Транспортер“ поврзан со градоначалникот на Битола Владимир Талевски.

Третата награда комисијата ја додели за видео сторијата на новинарката Озимец од Нова ТВ за приказната „Конфискација на имот“ во која се истражува досегашното користење на запленувањето на имот произлезен од криминални и коруптивни дела како и кои се условите за оваа мерка повторно да се употреби во актуелните случаи.

nagradi-misha

Комисијата која ги разгледуваше новинарските стории позитивно го оцени зголеменото користење од страна на новинарите на достапните алатки за следење на трошењето на парите од страна на институциите и тендерските постапки како и податоците за сопственичките структури на компаниите кои се јавуваат како изведувачи на јавни работи. Комисијата смета дека е позитивно и тоа што новинарите зачестено се фокусираат на работата на малите општини кои досега ретко влегуваат во медиумското внимание.

Врз основа на пријавените истражувања, комисијата смета дека постои простор за уште поголемо користење на достапните алатки и техники за истражувачко новинарство и електронските регистри и бази на податоци од страна на новинарите.

Генерална оценка е и дека новинарите можат подобро да ги лоцираат изворите на податоци и информации во своите истражувања со што ќе ја зголемат релевантноста на информациите кои се обелоденуваат во истражувањата, особено кога се користат извори чиј идентитет не се објавува.

Комисијата смета дека истражувачките новинари мора почесто да користат алатки за визуелизација на податоци со што подобро и појасно ќе се прикажуваат сложените односи кои се обелоденуваат во истражувањата и мноштвото податоци со цел да бидат полесно разбирливи за читателите.

Во прилог се линковите до сите истражувања кои беа доставени на конкурсот:

– „Владата потроши една милијарда евра на субвенции, а увозот на храна е удвоен“ .
– „Превозниците од „Транспортер“ не сопреа, туку тераат по старо, па и уште побрзо“ и „Превозниците ги проширија линиите, а СЈО истрагата зa „Транспортер“.
„Конфискација на имот“.
„Како бугарски „Минстрој“ стана концесионер на рудниците Тораница и Злетово?“
„Старо Нагоричане потроши четврт милион евра за три километри спорен пат“.
„Изградба на гасовод: Матни зделки или победува најдобриот?!“.
„Злоупотреба на ИПА фондови – ОЛАФ и трите истраги“.
„Општина Новаци наречена „Стентон градба“.
– „Болните умираат задушени во тендерската бирократија“ , „Поради бирократија била прекината терапија на пациенти со рак од дебело црево“ , „Со месеци немаше реагенси за дијагностика поради компликации со јавните набавки“.

Конкурсот за истражувачки приказни за копрупција е последна активност организирана во рамки на „УСАИД Програмата за борба против корупција“. Цел на програмата беа зголемување на информираноста и знаењата на граѓанските организации и граѓаните за барање повеќе отчетност кај институциите и придонесување кон нивен повисок интегритет. Како што посочи Миша Поповиќ од ИДСЦС при доделувањето на наградите, „програмата завршува, но борбата против корупцијата продолжува“.