PWkonferencija 1

Претходно изградени позиции, неменливи ставови, ретко продлабочување на дебатата околу точките од дневниот ред, игнорирање и затвореност кон аргументите на другите говорници, доминација на жените во дискусиите и искажување почит претежно кон личноста и аргументите на сопартијците. Ова се генералните карактеристики кои го отсликуваат квалитетот на дискусијата на пратениците во Собранието во периодот од јуни 2014 до мај 2015 година. 

Заклучоците од десет месечното набљудување на квалитетот на дебатата во парламентот беа претставени на завршната конференција и тркалезна маса од проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ која се одржа во хотелот Холидеј Ин во Скопје.
Податоците од набљудувањето како и трите анализи на специфични проблематични елементи од работата на Собранието изработени од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ беа тема на тркалезната маса со наслов „Како дебатираат пратениците во Собранието“.

{youtube}yTs_sWkJ4Lg{/youtube}

Учесниците меѓу кои и пратениците Солза Грчева, Павле Трајанов и Томислав Тунтев, претставници на граѓански организации, амбасади и медиуми дискутираа околу стостојбата во Собранието.

Според говорниците, слабата дебата во набљудуваниот период е резултат на постепеното ослабнување на контролната функција на парламентот врз работата на извршната власт. Големиот број на акти кои ги разгледува Собранието, а кои доаѓаат на предлог на Владата некритично и често без дебата се усвојуваат од страна на мнозинството дури и во ситуации кога актите се меѓусебно контрадикторни. Тоа придонесува парламентот да се перцепира само како тело кое без дискусија ги легитимира одлуките на Владата наместо да ја контролира.

PWkonferencija2

Како втора причина учесниците го наведоа отсуството на најголемиот дел од избраните опозициски пратеници кои во овој период ја бојкотираа работата на Собранието. Тоа во набљудуваниот период онезвозможи јавноста и Собранието да добијат поинаков поглед кон темите кои беа на дневниот ред на седниците и евентуално можност тие акти да бидат надополнети со аргументи со што ќе бидат поквалитетни и во насока на општото добро.
Учесниците на тркалезната маса ги посочија и ограничувањата во Деловникот на бројот и времетраењето на пратеничките дискусии како фактор кој оневозможува аргументирана дебата.

Основата за слабиот перформанс на пратениците дискутантите ја лоцираат во слабата демократска и политичка култура во самите партиите што потоа се пресликува при изборот на пратениците и нивното однесување во парламентот. Притоа, главниот недостаток се посочува во актуелниот изборен систем кој, како што забележаа повеќе говорници, им овозможува на тесни партиски елити целосно да одлучуваат за креирањето на политиките и изборот на луѓе кои ќе ги претставуваат граѓаните во парламентот што поттуикнува клиентелистички односи кои одат во прилог на ослабнување на улогата на парламентот во политичкиот систем.

Основен предлуслов, според повеќе дискутанти, е промената на изборниот систем од сегашниот пропорционален со затворени избирачки листи во 9 изборни единици во систем со една изборна единица на која листите ќе бидат отворени. Со тоа граѓаните наместо да гласаат за партиски листи ќе можат поединечно да го избераат секој претставник што ќе придонесе за засилување на личниот интегритет на пратениците и нивната позиција во Собранието и во партиите, како и нивната лична одговорност за одлуките кои ќе ги гласаат.

Претходно, наодите од истражувањето беа презентирани во останатите пет изборни единици. Тркалезните маси на кои присуствуваа активни и поранешни пратеници, претставници на граѓански организации, студенти и професори и новинари се одржаа во Куманово, Тетово, Штип, Прилеп и Битола.

Целосната анализа од квалитетот на дебатата во Собранието во периодот јуни 2014 – мај 2015 под наслов „Рововска дебата“ можете да ја симнете на следните линкови: mk

Анализата „Како се донесе Буџетот за 2015? Поглед кон дебатата во Собранието“ на Миша Поповиќ е достапна на следниот линк: mk

Анализата „Во потрага по ефективна дискусија. Клучни ограничувања кон правото на говор од собраниската говорница“ на Јован Близнаковски е достапна на следниот линк: mk

Анализата „Зголемување на учеството на јавноста во македонското Собрание“ на Илина Мангова е достапна на следниот линк: mk

Проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ е финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови и кофинансиран од ИДСЦС и Институтот за Централна, Источна Европа и Балканот (IECOB)