p dijalog

Меѓупартискиот политички дијалог не е цел сама за себе. Тој треба да претставува интегрален дел од политичкиот процес во земјата кој ќе се одвива низ повеќе општествени простори, а во кој, покрај политичките партии како главни актери, ќе се вклучуваат и останати засегнати страни во поширокото граѓанско општество. Поаѓајќи од тоа, од оваа анализа произлегуваат неколку заклучоци.

Политичкиот дијалог најчесто настанува како инструмент за разрешување на конфликти. Спротивставените страни се определуваат дека отворените прашања околу кои се разотидуваат, ќе ги решаваат низ дијалог. Тој процес неретко е долг и консолидацијата како дестинација потешко се постигнува. Оттука, потребно е да се негуваат просторите за дијалог каде претставниците на спротивставените страни, на различни нивоа ќе ја намалуваат тензијата и ќе градат меѓусебната доверба.

Во Македонија, на највисокото ниво се лидерските средби, каде врвовите на партиите може да работат на градење меѓусебна доверба. Во рамките на Собранието може да се воспостават подолготрајни форуми за соработка помеѓу пратениците. Меѓутоа, треба да се споменат и неформалните простори за политички дијалог, најчесто во рамки на граѓанското општество, каде невладини организации и фондации работат со претставници од партиите, градејќи меѓусебна доверба. Но, меѓупартискиот политички дијалог не е инструмент само за излегување од настаната криза. Тој е клучна алатка за одржлив реформски процес и потребно е да се инвестира во подолготрајни активности низ кои овој дијалог ќе се одвива.

Форумите низ кои дијалогот помеѓу партиите се одвива досега се само привремени. Надвор од формалниот простор за политички дијалог тука се мавровските „Вилтон парк“ средби и школите и тренинзи повремено организирани од граѓанските организации. Низ долготраен процес на заедничка обука, претставниците на политичките партии може за себе да ги променат својствата на политичката култура која ги опкружува, а која не е целосно овозможувачка за меѓупартискиот дијалог.

Сите овие заклучоци конвергираат кон централната точка на политичкиот дијалог – човечкиот капитал. Сфаќањето дека дијалогот и соработката се инхерентен дел од политичкиот процес и мора да бидат интернализирани во политичкото однесување на актерите на ист начин како што тоа е направено за политичкиот натпревар.

Целта на дијалогот не е да се стави потпис на завршниот документ, туку да се застане позади договореното и заеднички да се преброди криза или направи промена.

Целата книга „Политички дијалог“ можете да ја преземете бесплатно на следниот линк – mk