
Пратениците во мај ја зголемија меѓусебната интеракција ако се земе предвид дека се зголемија репликите и контрарепликите. Тоа е индикатор дека пратениците во овој период почесто влегувале во дискусии околу точките од дневниот ред на Собранието споредено со април.
Зголемен е бројот на дискусии во кои пратениците ги поврзуваат своите позиции и аргументи со општото добро на сите граѓани.
Патениците нешто поретко ги поткрепуваат своите ставови со по два и повеќе аргументи споредено со април. Процентот на вакви дискусии во мај достигна 47% (во април – 51%).
Како и во текот на целиот мониторинг, пратениците и во мај повторно не успеаjа да се убедат во исправноста на своите аргументи и секој остана во својот „ров“. Повторно не е забележан случај пратеник да ја промени позицијата поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата.
Опозицијата претставена од 11 пратеници во мај имаше удел во дискусиите од 20% што е зголемување споредено со април. Ова зголемување во одредена мера се должи и на тоа што опозицијата е претставена од еден пратеник повеќе за разлика од претходните месеци кога опозицијата беше претставена од 10 пратеници.
Поголем интерес за дискусија предизвикаа седницата посветена на пратенички прашања до владата, предлогот за избор на членови на Владата, предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачи и годишниот извештај на Народната Банка на Република Македонија. Голем дел од останатите точки од дневниот ред поминаа со мала и еднострана или без никаква дискусија.
Ова се дел од наодите во Десеттиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот од 1 до 31 мај 2015
.
Во прилог e и облакот од најкористените зборови на пленарните седници во мај од страна на пратениците.

На следниот линк можете да ги погледнете извештаите од минатите месеци од мониторингот на Собранието и медиумското известување во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“.