Sobranie foto sednica

Пратениците во април ја намалија меѓусебната интеракција ако се земе предвид дека се зголеми процентот на индивидуални говори, а се намалија процентите на репликите и контрарепликите. Најретко досега во последните 6 месеци, пратениците ги поврзуваа своите позиции и аргументи со општото добро на сите граѓани. За сметка на тоа, пратениците во април, најчесто беа неутрални, односно не ги поврзуваа своите аргументи со можни придобивки или последици за ниту една група во општеството.

Во април, пратениците во Собранието беа нешто поаргументирани во дискусиите на седниците споредено со претходните три месеци. Го запреа трендот на намалување на аргументираноста на дискусиите со по два и повеќе аргументи. Процентот на вакви дискусии во април забележа зголемување и достигна 51% (во февруари – 43%) .

Притоа, повторно ниту еден пратеник не ја промени својата позиција поради поквалитетни аргументи изнесени во дискусијата од страна на други говорници.

Опозицијата претставена од 10 пратеници во април имаше удел во дискусиите од 16% што е исто како и во март, но значително помалку споредено со февруари (29%).

Нешто поголем интерес за дискусија кај пратениците во април предизвикаа пратеничките прашања, предлогот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште и предлогот за именување на членови на Државната комисија за спречување корупција. Голем дел од останатите точки од дневниот ред поминаа со мала и еднострана или без никаква дискусија.

Ова се дел од наодите во деветтиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот од 1 до 30 април 2015 mk al .

Во прилог е и облакот од најкористените зборови на пленарните седници од страна на пратениците на пленарните седници во април. 

Oblak Sobranie april

Извештаите од мониторингот на дебатата во Собранието и известувањето на медиумите од минатите месеци во рамки на проектот Парламентот под лупа се достапни на следниот линк https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/sobranieto-pod-lupa .