krusevo-KAS-FES

Кои се клучните карактеристики на делиберативната (дебатна) демократија, кои се досегашните сознанија за квалитетот на дебатите во Собранието и како да се подобрат политичките дискусии со што ќе се зголеми квалитетот на јавните политики во полза на доброто на сите граѓани. На овие теми изминатиот викенд Институтот за демократија (ИДСЦС) во рамки на политичката академија организирана од фондациите Конрад Аденауер и Фридрих Еберт во Крушево одржа тренинг пред припадници на подмладоците на најголемите политички партии во Македонија.

Пред младинците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА, ГРОМ, НСДП и ДОМ беа презентирани податоците од досегашното три месечно набљудување и оценувањето на квалитетот на дискусијата во Собранието. Присутните се запознаа со главните критериуми од Индексот за квалитет на дебата според кој се одвива мониторингот на пратеничките дискусии. Осврнувајќи се на досегашните резултати и политичката атмосфера во кои се одвива мониторингот, учесниците дебатираа околу можностите и условите за подобрување на квалитетот на дискусиите во полза на општото добро. Притоа, како клучни поенти кои можат да доведат до поконструктивни дискусии беа изведени потребата од воздржување од навредлив и недоличен говор, поквалитетно и пошироко аргументирање на позициите од страна на учесниците во расправите и поголема отвореност кон компромис.

Обуката на припадници на политичките подмладоци на партиите е дел од проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ на Институтот за демократија и се одржа во рамки на академијата насловена како „Политика и договарање – Како да се справите со интереси и компромиси во политиката“ организирана од Конрад Аденауер и Фридрих Еберт.

FES trening Sobranie pod lupa

ИДСЦС пред еден месец одржа слична обука за членови на младински организации на политички партии во рамки на политичката академија на Фридрих Еберт која се одржа во Дојран.