20141010 1

Како дел од проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“, на 8-ми и 9-ти октомври 2014 во просториите на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во Скопје беа одржани две еднодневни работилници за застапување и комуникациски вештини.

Целта на работилницата е да се зајакнат вештините за застапување и јавно комуницирање на организациите коишто во рамки на Граѓанската мрежа спроведуваат истражувања на теми поврзани со конфликтот на интереси и корупцијата во јавната администрација на локално ниво.

На работилницата се обработуваа следните теми: вовед во застапувањето, каде подетално беа разгледани прашањата за планирање на комуникациите, рамка на стратешко комуницирање и пораки до целните групи; структурирање и организација на јавни презентации односно комуникација со медиумите; и пишување за веб и веб активизмот. По обработувањето на секоја од темите следеа практични вежби и дискусии.

Во оваа серија на две работилници учествуваа претставници на следните граѓански организации: ЗИП Институт, Аналитика, Центар за управување со промени, ЗЕНИТ, ФРЛЗ Штип, Здружение на жени Св. Николе и ЗФРЛСЈП Велес. Следните две работилници за останатите организации од граѓанската мрежа ќе се одржат кон крајот на месец октомври 2014 година.

Проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“ е финансиски поддржан од Европската Комисија, а е имплементиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Охрид институтот за економски стратегии и меѓународни односи (ОИ).

{module Obuka1010}