На 25 јули 2014 во Квинс хотелот во Скопје, се одржа тренинг за истражувачки методи и подготовка на документи за јавни политики, наменет за грантистите на „Граѓанската мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“. Во текот на целодневниот настан учесниците имаа можност да се запознаат со целите на „Граѓанската мрежа“, да ги продлабочат своите знаења на темите судир на интереси и корупција, како и своите вештини во користењето на истражувачки методи за откривање на судирот на интереси и корупцијата во јавната администрација. Учесниците имаа можност и да разменат информации за истражувачките проекти кои допрва ќе ги спроведуваат, како дел од „Граѓанската мрежа“.
Во периодот јули – октомври 2014 15 граѓански организации од целата држава ќе спроведуваат истражувачки проекти на темите судир на интереси и корупција во јавната администрација на локално ниво.
Тренингот за истражувачки методи и подготовка на документи за јавни политики се спроведува во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“, спроведуван од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Охрид институтот за економски стратегии и меѓународни односи (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Проектот е финансиран од Европската Унија.