fbpx
logo

CitiSense – Разбирање на проширувањето на ЕУ: за граѓаните, со граѓаните и преку нивното учество

Проектот CitiSense има за цел да го унапреди разбирањето на јавноста за процесот на проширување на Европската Унија, да го поттикне нејзиното учество и да ја зајакне поддршката за овој процес преку истражување на неговите безбедносни, економски и општествени последици. Во услови на зголемена геополитичка нестабилност, назадување на демократијата и повторно актуелизирани дебати за иднината на европската интеграција, проектот настојува ставовите, загриженоста и очекувањата на граѓаните да ги стави во средиштето на креирањето на политиките за проширување. Проектот го разгледува проширувањето не само како институционален и политички процес, туку и како општествена трансформација за која се неопходни разбирање, учество и поддршка од јавноста, како во земјите членки на ЕУ, така и во земјите кандидатки.

Проектот применува иновативен пристап во чие средиште се граѓаните, заснован на три меѓусебно поврзани димензии: проширување за граѓаните, преку процена на реалните трошоци и придобивки од процесот, како и на начинот на кој граѓаните ги восприемаат; со граѓаните, преку истражување на нивните ставови, очекувања и загриженост; и преку учество на граѓаните, со поттикнување на нивната активна вклученост во јавните дискусии и формулирањето препораки за политики.

Цели на проектот

  • Развивање интегрирана концептуална и методолошка рамка за анализа на историските, политичките, безбедносните, економските и општествените двигатели на проширувањето на ЕУ, како и на факторите што придонесуваат за евроскептицизмот и заморот од проширувањето.
  • Процена на реалните и перципираните трошоци и придобивки од проширувањето и од отсуството на проширување за земјите членки на ЕУ и земјите кандидатки, со посебен акцент на безбедносните, економските и општествените последици.
  • Утврдување можности за унапредување на процесот на проширување преку институционални реформи и реформи на политиките, врз основа на искуствата од претходните циклуси на проширување и разгледување пристапи како што се пристапувањето во фази и диференцираната интеграција.
  • Осмислување и тестирање иновативни механизми за граѓанско учество, вклучувајќи граѓански собранија, хакатони за демократија и дигитални алатки за граѓанско вклучување, со цел поттикнување информирана јавна дебата и инклузивен дијалог за проширувањето на ЕУ.
  • Истражување можни идни сценарија за проширувањето на ЕУ во контекст на променливите геополитички околности, регионалната динамика и безбедносните предизвици, преку стратешко предвидување и разработка на сценарија.
  • Развивање практични пакети со алатки за креирање политики и едукација, наменети за креаторите на политики, граѓанските организации и образовните институции, со цел поттикнување на граѓанското учество и информираната јавна дебата за проширувањето.
  • Споделување на истражувачките наоди и препораките за политики со креаторите на политики, граѓанските организации, младите и пошироката истражувачка заедница, со цел унапредување на разбирањето и учеството на јавноста во процесот на проширување.

 

Истражувачки пристап и активности

CitiSense комбинира споредбени историски истражувања, истражувања на јавното мислење, анкетни експерименти, студии на случај и активности со непосредно учество на граѓаните, со цел да истражи како се разбира и доживува проширувањето во различни делови на Европа. Истражувањето ги опфаќа безбедносните, економските и општествените димензии на проширувањето, како и институционалните реформи и иднината на европската интеграција.

Преку граѓански собранија, хакатони за демократија и 14 младински лаборатории, проектот ќе создаде можности за граѓаните, особено за младите, активно да се вклучат во дискусиите и да придонесат кон формулирањето препораки за политики. Истражувачките наоди ќе бидат преточени во практични ресурси, вклучувајќи алатки за креирање политики, образовни материјали, комуникациски стратегии и препораки за зајакнување на граѓанското учество во процесот на проширување на ЕУ.

Проектно партнерство

Проектот обединува 16 партнерски организации од 13 земји, меѓу кои универзитети, истражувачки институти, организации за истражување и анализа на јавните политики и граѓански организации. Координатор на проектот е Европскиот универзитетски институт (EUI), додека Универзитетот во Мастрихт е одговорен за научното раководење со проектот.

Улогата на ИДСЦС

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) ќе придонесе во истражувачките активности и спроведувањето на проектот со својата експертиза во областа на европската интеграција, регионалната соработка и демократското владеење.

ИДСЦС особено ќе придонесе кон истражувањето на безбедносните и општествените димензии на проширувањето на ЕУ, внесувајќи ги перспективите и искуствата на Северна Македонија и Западен Балкан.

Преку учеството во развивањето практични алатки за креирање политики, активностите за комуникација и споделување на резултатите, како и во координацијата на проектот, ИДСЦС ќе придонесе перспективите и искуствата на земјите кандидатки да бидат соодветно застапени во истражувачките наоди и препораките на проектот.

Дополнително, ИДСЦС ќе ги искористи своите регионални мрежи, особено THINK BALKANS, за да ја зајакне поврзаноста на проектот со релевантните чинители и експерти од Западен Балкан.

 

Донатор: Европска комисија
Период на имплементација: 36 месеци, од 1 октомври 2026
Одобрен фонд на средства: Вкупни средства за проектот: € 3 484 796; Средства за ИДСЦС: € 64 100

Поврзани објави