fbpx
logo

„Казнена политика од која нема да се срамиме“: Практичарите за новиот Кривичен законик

Што треба да донесе новиот Кривичен законик во борбата против корупцијата, сега кога Северна Македонија мора да се усогласи и со новата Директива на ЕУ за борба против корупцијата? Одговорот што се наметна на настанот „Идниот Кривичен законик и борбата против корупцијата: очекувања, новини и усогласување со ЕУ“ е јасен: прецизни и стабилни норми, конзистентна казнена политика и, пред сè, институции што ќе можат законот да го спроведат.

Настанот се одржа на 28 октомври 2026 година во Скопје, во рамки на четвртото издание на „Деновите на правото“ (Journées du droit), во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Амбасадата на Република Франција и Expertise France преку Фондот за борба против корупцијата (FLCC). На него учествуваа судии, обвинители, професори, адвокати, претставници на институциите и граѓанското општество.

Настанот го отвори програмскиот директор на Институтот за демократија, Миша Поповиќ, кој посочи дека тој се одржува на ден значаен за македонското правосудство, кога се одвива изборот за ОЈОГОК, и дека доаѓа во вистинско време.

„Новата Директива на ЕУ веќе почнува да функционира, а државите-членки полека се подготвуваат за нејзино транспонирање. Бидејќи нашата земја работи на нов Кривичен законик, сакавме да анализираме колку сме усогласени со сегашниот текст, но и да отвориме дискусија меѓу практичарите и работната група за тоа што се очекува и што треба да има во новиот законик. Улогата на Министерството за правда во целиот процес е навистина значајна, затоа што често зборуваме дека прописите ги имаме, а ни фали имплементација. Не смееме да ја заборавиме ни должната грижа за постојано подобрување и осовременување на правилата, и затоа е важно што по подолго време имаме прилика за отворен разговор за Кривичниот законик“, рече Поповиќ.

 

 

Тој потсети дека проектот започна пред повеќе од една година и дека досега се организирани успешни настани во Скопје, со ОЈОГОК како домаќин, и во Подгорица, каде домаќин беше обвинителството на Црна Гора надлежно за организиран криминал. Заедно со Expertise France, мрежата за соработка се проширува и со Молдавија, каде следува настан во Кишинау. „На тие затворени средби бев пријатно изненаден од можностите и од желбата на обвинителите да соработуваат и да си даваат поддршка“, рече Поповиќ.

Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека по три децении примена на сегашниот кривичен законик, на правниот систем му е потребна нова и доследна основа за казнената правда. Тој информираше дека текстот е во завршна фаза по што ќе биде испратен на мислење до Европската комисија, а дека Министерството подготвува и измени на прописите за спречување корупција, за заштита на укажувачите и за лобирање.

„Новиот Кривичен законик е тест за институциите – тест дали принципите ќе преминат од хартија во реалноста. Граѓаните бараат правда и еднакви правила за сите. Затоа законот мора да биде јасен, применлив и бескомпромисен кон криминалот, а Директивата претставува значаен напредок во таа насока. Но, ниту еден закон сам по себе не може да ја победи корупцијата. За тоа се потребни независно судство и обвинителство, интегритет на истрагите и подготвеност на институциите да постапуваат неселективно, без недопирливи и без никој над законот“, рече Шасивари.

 

 

Заменик-амбасадорот на Франција, Филип Маршто, нагласи дека темата е клучна за пристапувањето во ЕУ, а со новата директива станува уште поактуелна.

„Вашето присуство и присуството на Министерството за правда ја покажуваат посветеноста да се донесат клучните закони. Станува збор за два важни чекори од Реформската агенда, чиј краен рок е крајот на оваа година. Директивата е важна за јакнење на квалитетот на демократијата и владеењето на правото и за ефикасна борба против корупцијата, а денешниот настан покажува дека во тоа се ангажирани повеќе актери“, рече тој.

 

 

Во првиот панел, посветен на очекувањата од идниот законик и приоритетите за ефикасна антикорупциска реформа, проф. Александра Деановска Трендафилова, членка на работната група за изработка на законикот, ги претстави процесот и клучните новини. Таа посочи дека работата започна во март 2019 година како проект на ОБСЕ, а од крајот на 2020 година продолжи во поширока работна група, и дека за секое решение што опстојало постои образложение.

„Измените од 2023 година доведоа до бран на застареност, нешто што не е за пофалба, и лично не наоѓам причина зошто тоа се случи. Аргументот дека злоупотребата на службената положба не треба да постои како дело се покажа како неточен – инкриминацијата ја има и во Директивата. Новиот законик ја задржува главата за кривични дела против службената должност, а за злоупотребата при јавните набавки предвидовме посебна инкриминација, проширена и на договорите за јавно-приватно партнерство и концесиите. Сепак, статистиката покажува дека околу 70% од изречените санкции се алтернативни мерки, и треба да се преиспита дали тоа воопшто има одвраќачко дејство“, рече Деановска Трендафилова.

Јавната обвинителка Спасенка Андонова посочи дека одговорот на државата, особено кај корупцијата од високо ниво, мора да биде професионален и доследен, а за тоа е потребна јасна, стабилна и предвидлива правна рамка.

„Јавните обвинители имаат четири очекувања од новиот законик. Прво, јасни и прецизни одредби, што ќе ја повлечат границата меѓу кривичната, прекршочната и дисциплинската одговорност и ќе овозможат правна квалификација што ќе издржи пред судот. Второ, внатрешна усогласеност и согледување на последиците – облиците на делата, застареноста и конфискацијата се меѓусебно поврзани, а при подготовката мора да се процени и влијанието на новите решенија врз тековните предмети, вклучително и примената на поблагиот закон. Трето, соодветна казнена политика, во која санкциите ќе ги одразуваат користа, штетата и степенот на вина, бидејќи последиците од корупцијата не се само материјални, туку и недоверба во институциите. Четврто, доследни решенија за одземање на незаконски стекнатиот имот. За сето тоа е потребна тесна соработка со практичарите, а тоа во работните групи многу често не доаѓа до израз“, рече Андонова.

 

 

Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, порача дека судиите имаат право да очекуваат подобри законски решенија и дека јасноста на одредбите не е само техничко прашање.

„Нема зошто да се надеваме дека ќе добиеме добар законик – можеме сами да направиме законик што нам ќе ни одговара. Ни треба јасна и прецизна одредба од која секој граѓанин ќе разбере што значи нормата и која нема да биде загатка за судиите, затоа што еден куп пресуди се укинуваа токму поради нејасни поими. Ни треба казнена политика за која нема да се срамиме – не онаа што ја бара јавноста, туку онаа што одговара на степенот на кривичната одговорност и на доброто што го штитиме. Не може за убиство да е пропишана казна од најмалку пет години, а за криумчарење од најмалку осум. Таквите бесмислици мора да ги надминеме, и сега е време за тоа“, рече Димовска.

 

 

Во вториот панел, посветен на клучните барања на ЕУ и импликациите за националното законодавство и институциите, Венсан Филол, експерт на FLCC, адвокат и поранешен магистрат во Националното финансиско обвинителство на Франција, ја стави Директивата во поширок контекст.

„Директивата е само еден елемент од глобалната антикорупциска рамка, по Конвенцијата на ОН против корупција, Конвенцијата на ОЕЦД и многу други текстови. Таа доаѓа по аферата Катаргејт, која покажа дека не само државите-членки, туку и европските институции мора да направат нешто. Дури 62% од граѓаните во Европа сметаат дека корупцијата е широко распространета. Може да имате одлична меѓународна рамка и добар кривичен законик, а сепак да немате доверба кај јавноста. Текстот е важен, но поважно е како ќе се спроведе. Франција имаше одличен законик, но немаше средства, обвинители, истражители и отворени предмети“, рече Филол.

 

 

Анета Арнаудовска, експертка на FLCC и поранешна судијка, нагласи дека Директивата поставува минимални правила за обележјата на делата и санкциите, при што прагот на национална дискреција е висок. Нови инкриминации не мора да се додаваат, а таму каде што националната заштита е поширока, треба да се задржи.

„Имаме остри казни, но немаме редовни проценки на казнената политика. Ублажувањето на казната, условните осуди и признавањето вина мора да се преиспитаат – според Директивата, признавањето вина треба да се наградува само ако сторителот даде нови докази или открие други сторители. Треба да се води сметка и за условниот отпуст и помилувањето, бидејќи преку нив на мала врата се спасуваат политичари и високо експонирани лица. Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка не смеат да се гледаат одделно, а измените од 2023 година не се оправдување за долгото траење на постапките. Одговорот мора да биде холистички“, рече Арнаудовска.

 

Програмскиот директор на Институтот за демократија, Миша Поповиќ, ја претстави анализата за тоа колку сегашниот законик е усогласен со Директивата 2026/1021 и кои празнини постојат.

„Генерално, државата е добро усогласена, но празнини има. Кај проневерата, предметот на делото е изрично врзан за одредени видови имот, а не за сите – виртуелните средства се најавени во новата верзија на законикот. Новиот Кривичен законик мора да биде отпорен на идните предизвици. Предлагаме тој да содржи дефиниција за висок функционер, како отежителна околност. Кај злоупотребата на службената положба, членот 7 од Директивата не бара постоење на штета или корист, и тоа треба да се има предвид при усогласувањето“, рече Поповиќ.

Во дискусијата учесниците отворија повеќе прашања. Проф. Беса Арифи предложи застареноста да се одвои од висината на казната, со посебни, подолги рокови за корупциските дела, имајќи предвид дека Директивата пропишува минимални, а не максимални рокови. Судијката Тања Милева од Апелациониот суд предупреди дека честите измени создаваат несигурност за тоа што важело при сторувањето, а што при пресудувањето, а членката на Судски совет Данка Ристова побара законикот да се усогласи со Законот за кривичната постапка, особено кај застареноста, судењето во отсуство и повторувањето на постапката по екстрадиција. Сузана Јошевска исто така доаѓа од редот на членови на Судскиот совет укажа на недостигот на судии и обвинители и на основни средства за работа, при што нови судии не се очекуваат во наредните три години. Снежана Камиловска од Македонскиот центар за меѓународна соработка побара транспарентност за составот на работната група и за начинот на консултациите пред декемврискиот рок, а Никола Прокопенко како претставник од Министерството за правда појасни дека 90% од одредбите потекнуваат од претходните работни групи, дека се изработени 33 табели на сообразност за Кривичниот законик и 28 за Законот за кривичната постапка, и дека процесот ќе продолжи по добивањето на мислењето од Европската комисија.

 

 

Заклучоците ги сумираше Марија Мирчевска, раководителка на Центарот за добро владеење при Институтот за демократија. Тие опфаќаат: кратки, но прецизни инкриминации со јасно определени елементи; одвојување на застареноста од висината на казната; внатрешно кохерентна казнена политика и реално одвраќачко дејство на санкциите; задржување и прецизирање на злоупотребата на службената положба, со посебен третман за високите функционери; стабилност на законот и технолошки неутрални концепти; вистинско, а не формално вклучување на судиите и обвинителите во работните групи, како и институционален капацитет како предуслов на реформата.

Настанот заокружи дека новиот Кривичен законик ќе се мери по тоа колку ќе може да се примени во судницата. Без стабилни норми, ресурси и независни институции, ни најдобро усогласениот текст нема да ја врати довербата на граѓаните во борбата против корупцијата.

 

 


 

Настанот е поддржан од Амбасадата на Франција во Северна Македонија, Француската агенција за развој и Expertise France преку Антикорупцискиот фонд, во рамки на четвртото издание на Journées du Droit.

 

Поврзани објави