fbpx
logo

Зелените и дигиталните реформи напредуваат нерамномерно, а слабата институционална координација создава дополнителни финансиски ризици

Северна Македонија бележи напредок во зелената и дигиталната транзиција, но реформите се спроведуваат со различна динамика, а институционалната координација меѓу двата процеса останува ограничена. Доцнењето на реформите не е само административен проблем, туку може да има последици за европските средства, инвестициите и конкурентноста на македонската економија.

Ова се главните заклучоци на анализата „Двојна по име, асиметрична по мерка – Зелените и дигиталните реформи во Северна Македонија: асиметрии, јазови, причини и финансиски ризик“, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, ја претстави во Europe House во Скопје.

Сандра Кољачкова, програмски менаџер од Фондацијата Конрад Аденауер, канцеларија во Скопје истакна дека зелените и дигиталните процеси се меѓусебно поврзани и претставуваат основа за модерна, конкурентна и одржлива економија. 

„Но, не смееме да ги разгледуваме само низ призмата на економскиот развој или технолошкиот напредок, бидејќи тие се поврзани и со прашањата на отпорноста, безбедноста и стратешката автономија“, истакна Кољачкова.

 

 

Во својот поздравен говор Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија потенцираше дека имаме асиметричен напредок, со побрзо движење кај дигитализацијата, а Законот за климатска акција се обидуваме да го донесеме уште од 2019 година. 

„Токму поради важноста на овие процеси, како граѓанско општество мораме да вршиме поактивен надзор, преку мониторинг и анализи засновани на докази. Време е и Собранието да го зголеми надзорот врз реформите што кај нас доцнат“, потенцираше Трошановски. Тој потсети дека Институтот за демократија иницираше меѓупартиска парламентарна група за следење на Реформската агенда, која бара надпартиски консензус.

 

 

Катерина Јакимовска, виш координатор за проекти во Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел рече дека ЕУ долго ги претставуваше зелената и дигиталната транзиција како два процеса што меѓусебно се поддржуваат.

„Денес е појасно дека меѓу нив постои и судир. Потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци во светот ќе се удвои до 2030 година. Во Ирска тие веќе трошат четвртина од вкупната електрична енергија, Холандија воведе мораториум на најголемите центри за податоци, а Белгија го укина Законот од 2003 година за постепено затворање на нуклеарните централи, рече таа.

Според неа, суштината на проблемот е во тоа што Унијата истовремено се стреми да ги намали емисиите и да биде конкурентна во вештачката интелигенција, за која е потребна огромна, стабилна и сигурна енергија. Затоа насловот на студијата отвора важни прашања: „Дали ги препознаваме спротивставените ефекти кога донесуваме инвестициски одлуки? И дали напредокот го мериме според донесените закони или според резултатите што граѓаните и компаниите навистина ги чувствуваат?“.

 

 

Авторите на анализата Анамарија Велиновска и Кире Миловски од Институтот за демократија укажуваат дека иако зелената и дигиталната транзиција се претставуваат како два меѓусебно поврзани процеса, во практиката тие најчесто се планираат, спроведуваат и оценуваат одделно, а институционалната координација меѓу нив останува ограничена. Недостига постојан механизам за нивно заедничко планирање, спроведување и следење. Разликите се особено видливи во распределбата на трошоците и придобивките, начинот на мерење на напредокот и роковите за исполнување на реформските обврски.

Напредок во обновливите извори и дигиталните услуги, но ограничена подготвеност во клучни области

Националната проценка, која опфаќа 11 области, покажува нерамномерна подготвеност на Северна Македонија за спроведување на двојната транзиција. Најголем напредок во зелената транзиција е забележан во енергетиката и развојот на обновливите извори на енергија. Сепак, нивниот понатамошен развој бара соодветна модернизација и дигитализација на електроенергетската мрежа. Од друга страна, климатската политика, управувањето со отпадот и квалитетот на воздухот остануваат области со ограничена подготвеност.

„Кај дигиталната транзиција, напредокот е највидлив во дигиталната администрација и воведувањето електронски јавни услуги. Но, достапноста на електронска услуга не значи автоматски и целосно дигитализирана административна постапка. Граѓаните и понатаму можат да се соочат со потреба од доставување хартиени документи или посета на институциите“, вели авторот Миловски.

 

 

Седум години подготовка на Законот за климатска акција

Подготовката на Законот за климатска акција започнала во февруари 2019 година, со поддршка од Европската Унија, а првично било предвидено законот да биде доставен до Собранието во 2021 година. По повеќе одложувања, во 2026 година законот се наоѓа во собраниска постапка.

Доцнењето влијае врз подготовките за воспоставување систем за следење, известување и верификација на емисиите, како и врз создавањето услови за воведување цена на јаглеродот. Овие прашања добиваат дополнително значење поради европскиот Механизам за јаглеродно прилагодување на границите (CBAM), кој влијае врз условите за извоз на одредени производи на пазарот на Европската Унија.

Анализата идентификува пет повторливи институционални ограничувања: продолжено усогласување со европското законодавство, недоволни кадровски капацитети, нејасни обврски за институционална координација, недоволно вклучување на локалната самоуправа и отсуство на директна финансиска условеност за одредени клучни зелени реформи.

Доцнењето на реформите може да има директни финансиски последици

Преку Инструментот за реформи и раст на Европската Унија, за Северна Македонија е предвидена индикативна распределба од 750,4 милиони евра за периодот 2024–2027 година. Исплатата зависи од исполнувањето конкретни реформски обврски, па доцнењето може да доведе до одложување, намалување или губење на дел од средствата.

Сепак, финансискиот ризик е поширок од самите европски исплати. Тој опфаќа три нивоа: ризик поврзан со исполнувањето на реформските обврски, ризик од недоволно искористување на инвестициите и ризик за конкурентноста на домашните компании.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ препорачува забрзување на донесувањето на Законот за климатска акција, воспоставување постојани институционални и кадровски капацитети и подобрување на координацијата меѓу институциите надлежни за зелената и дигиталната транзиција. Меѓу препораките се и посилно поврзување на клучните зелени реформски чекори со финансиските поттикнувања, како и механизми за следење на реалните ефекти од реформите.

„Не е доволно да броиме колку закони сме донеле, колку електронски услуги сме вовеле или колку европски средства сме искористиле. Мора да видиме што навистина се променило, дали сме ги намалиле емисиите, дали граѓаните полесно ги користат јавните услуги и дали нашите компании стануваат поконкурентни“, е една од клучните пораки на анализата.

Во панел-дискусијата во рамки на промоцијата на публикацијата  учествуваа Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Стефано Елеро, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, и Горан Јовановски, државен секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

 

 

Панелистите дискутираа за предизвиците во спроведувањето на реформите и можностите за подобра меѓуинституционална координација. Министерот Андоновски истакна дека инвестициите во животната средина и енергетската транзиција се долгорочни и бараат големи буџети, додека дигитализацијата бара далеку помали инвестиции.
„Двата државни податочни центри чинат вкупно не повеќе од 40 милиони евра, а Чебрен и Галиште најмалку една милијарда евра. Анализата е точна дека мораме многу повеќе да работиме на прифаќањето на дигитализацијата од граѓаните и компаниите. Препораките имаат простор за примена и се надевам дека догодина ќе видиме докаде сме стигнале со нив“, изјави Андоновски. И државниот секретар во Министерството за енергетика, Јовановски потенцираше дека на голем дел од препораките од анализата веќе се работи, а дел се реализирани.

 

Целосната публикација е достапна на следните линкови:

 

Поврзани објави