Зелените и дигиталните реформи во Северна Македонија: Aсиметрии, јазови, причини и финансиски ризик
Зелената и дигиталната транзиција се две меѓусебно поврзани трансформации што го обликуваат развојот на Европската Унија и земјите кандидати за членство. За Западен Балкан, исполнувањето на обврските поврзани со двојната транзиција е предуслов не само за усогласување со законодавството на ЕУ, туку и за пристап до значителна финансиска поддршка. За Северна Македонија, индикативната распределба од Инструментот за реформи и раст изнесува 750,4 милиони евра, при што конечниот пристап до средствата зависи од постигнатите резултати.
Оваа анализа ја оценува подготвеноста на Северна Македонија да ги исполни своите обврски поврзани со зелената и дигиталната транзиција во рамките на европската реформска рамка. Таа ја споредува состојбата во земјата со онаа во регионот и ги разгледува причините за клучните доцнења.
Клучни наоди
- Двојната транзиција обединува два суштински различни процеси во единствена политичка и финансиска рамка. Побрзото спроведување на дигиталните реформи не значи нужно дека економијата во целина поминува низ подеднакво напредна трансформација.
- Синергијата меѓу зелената и дигиталната транзиција не произлегува автоматски од технологијата, туку зависи од начинот на кој таа се воведува и применува. Дигиталната инфраструктура има сопствена потрошувачка на енергија и вода, што може да создаде спротивставени потреби и цели меѓу двете транзиции.
- Реформската агенда не го мери напредокот во зелената и дигиталната транзиција на ист начин. Зелените реформи почесто се поврзани со конкретно спроведување и мерливи резултати. Напредокот во дигиталната компонента почесто се докажува преку регулаторно усогласување, донесување закони и воспоставување институционални или технички рамки.
- Синџирот Закон за климатска акција → систем за мониторинг, известување, верификација и акредитација (MRVA) → утврдување цена на јаглеродот претставува системски ризик за регионот. Во Северна Македонија, донесувањето на законот претставува реформски чекор со најголемо влијание врз воспоставувањето на преостанатите елементи од системот.
- Поврзувањето на двете транзиции на ниво на конкретни реформски чекори и понатаму останува претежно декларативно. Во Реформската агенда на Северна Македонија тие се опфатени во иста подобласт, што претставува добра почетна основа за воведување конкретни реформски чекори што ќе ги поврзат.
- Северна Македонија располага со одредени значајни предности. Националниот план за енергија и клима е усвоен навреме, инсталираниот капацитет за производство на енергија од обновливи извори ја надминал планираната динамика, а веќе се исполнети и неколку реформски чекори во дигиталната област. Сепак, присутни се три меѓусебно поврзани јазови: меѓусекторски јаз, јаз во спроведувањето и координациски јаз.
- Причините за доцнењето на реформите се повторуваат во повеќе области и имаат претежно институционален, а не секторски карактер. Ниту едно од петте идентификувани ограничувања не е првенствено финансиско, што укажува дека најголем дел од решенијата зависат од организациски и административни одлуки.
- Финансискиот ризик од доцнењето на реформите е тристепен и кумулативен. Тој не се сведува само на одложена или неостварена исплата на средства од Инструментот за реформи и раст, туку се пренесува од јавните финансии кон инвестициите и, на крајот, кон конкурентноста на извозно ориентираните компании.
Препораки
За Собранието
- Давање приоритет на Законот за климатска акција во законодавната агенда.
- Воспоставување на редовен парламентарен надзор над Реформската агенда.
За Владата
- Воспоставување организациски единици за климатска политика паралелно со законодавната постапка.
- Воведување на означување и следење на климатските расходи во буџетскиот процес.
- Воспоставување на хоризонтален механизам за координација на двојната транзиција.
- Премин од електронизација кон интероперабилност.
- Поврзување на инвестициите во обновливи извори на енергија со инвестициите во електроенергетската мрежа.
За единиците на локалната самоуправа
- Јасно дефинирана улога на локалната самоуправа во климатската рамка.
- Развивање интегрирани зелено-дигитални локални проекти.
За Европската комисија и другите партнери
- Поврзување на избрани основни законодавни мерки со условите за исплата на финансиски средства.
- Поголем акцент на постојаните кадровски капацитети во рамките на техничката помош.
За граѓанското општество
- Придонес кон поширока јавна дискусија за Законот за климатска акција.
- Следење на основните ограничувања, а не само на статусот на законот.
Заедничкиот именител на овие препораки е преминот од секторско исполнување на обврските кон управување со двојната транзиција како единствен реформски и инвестициски процес. Северна Македонија веќе располага со значителен дел од потребните стратегии, институции и инструменти. Следниот чекор е нивно поврзување во функционален систем што навремено ќе ги преточува преземените обврски во мерливи резултати, пристап до европски средства и поголема конкурентност.
Целата публикација е достапна тука:
Зелените и дигиталните реформи во Северна Македонија: асиметрии, јазови, причини и финансиски ризик
Ова е заедничка публикација на фондацијата Конрад Аденауер и Центарот „Вилфрид Мартенс“ за европски студии. Оваа публикација добива финансиска поддршка од Европскиот парламент. Фондацијата Конрад Аденауер, Центарот „Вилфрид Мартенс“ за европски студии и Европскиот парламент не преземаат никаква одговорност за фактите и ставовите изразени во оваа публикација, ниту за каква било понатамошна употреба на информациите содржани во неа. Целосната одговорност ја сносат авторите. Оваа публикација е наменета исклучиво за информативни цели. Таа не смее да се користи за изборно рекламирање за време на изборна кампања.