Како една мала држава да остане стабилна во свет полн со војни, хибридни закани и нестабилни синџири на снабдување? Одговорот што се наметна на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“ е поврзаноста со Европската Унија. Тоа не значи само патишта и пруги, туку и енергија, дигитална безбедност, силни институции и доверба.
Настанот беше организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“. Во своето воведно обраќање, Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер го истакна значењето на објективните анализи во креирањето политички одлуки во услови на променето геополитичко опкружување.
„Многу е важно сериозно да се разговара за стратешката поврзаност меѓу ЕУ и Северна Македонија во овој променлив геополитички контекст. Како политичка фондација од десниот центар, ние имаме јасен став и вредности, но соработката со институции како Институтот за демократија покажа дека сме посветени на поддршка за објективни истражувања и релевантни информации кои не се врзани за одредена политичка опција, туку ја нудат реалната слика за состојбите. Нашата поддршка за пристапниот процес на земјата отсекогаш била искрена и заснована врз проверени податоци, рече тој.“

Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, направи детален преглед на комплексниот геополитички контекст во кој се наоѓа регионот, посочувајќи на сериозните глобални предизвици – од новата стратегија на ЕУ за Арктикот, преку климатските ризици и нарушените синџири на снабдување, па сè до интензивираните хибридни напади во Европа.
„Живееме во време на забрзана хибридна војна и сериозни прекини во синџирите на снабдување на клучни точки на планетата, кои директно ја загрозуваат енергетската и прехранбената безбедност. Во ваков глобален контекст, клучното прашање е каде е нашата држава и како се подготвува. Кога зборуваме за стратешка поврзаност, не мислиме само на нашата географска положба како крстосница на коридори. Без функционална и дигитална инфраструктура, без економска конкурентност и без политичка интеграција, не може да има каква било стратешка предност. Мораме многу поактивно да се ангажираме во сите овие домени за да го фатиме чекорот со забрзаните промени и да обезбедиме вистинска имунитетна отпорност на државата“, рече Трошановски.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, го истакна уникатниот географски потенцијал на земјата и владиниот фокус врз изградбата на транспортните мрежи.
„Нашата држава е во специфична позиција – источно од Скопје се вкрстуваат двата паневропски коридори, 8 и 10. Наш стратегиски план е да инвестираме значително над сите вообичаени проценти од БДП во инфраструктурата. Модернизацијата на железницата, автопатите, дигиталните системи и зголемувањето на аеродромскиот капацитет се клучни за економскиот напредок и за гарантирање на политичката стабилност.“

Германската амбасадорка Петра Дрекслер подвлече дека поврзаноста не смее да се гледа изолирано само преку градежни проекти, туку бара сеопфатен пристап со строги стандарди.
„Регионалната поврзаност веќе не е само економски проект, туку геополитички императив и наш колективен одговор за зачувување на стабилноста на Европа. Потребни ни се кибер-отпорност, економска стабилност и климатска подготвеност. Сепак, вистинската отпорност се постигнува само тогаш кога техничката извонредност е поддржана од функционално, независно судство и владеење на правото, потенцираше Дрекслер.“

Евроамбасадорот Михалис Рокас се осврна на конкретните финансиски средства и инструменти со кои Европската Унија директно го поддржува овој процес:
„Ние сме фатени во неизбежна мрежа на заемност – она што засега еден директно, ги засега сите други. ЕУ беше и останува цврсто посветена на поддршката: од 2007 година досега имаме алоцирано 1,2 милијарди евра преку Инструментот за предпристапна помош (ИПА), на кои додадовме уште 1,8 милијарди евра преку Рамката за инвестиции на Западен Балкан, а дополнително се обезбедуваат уште 750 милиони евра преку новиот План за раст. Покрај тоа, преку Европскиот мировен фонд алоциравме речиси 65 милиони евра за воените капацитети на Северна Македонија како НАТО членка. Во свет со нарушени синџири на снабдување и глобални кризи, поврзаноста и солидарноста се две страни на истата паричка.“

Флориан К. Фајерабенд од Фондацијата „Конрад Аденауер“ потенцираше дека ЕУ мора да понуди опипливи чекори на овој пат.
„Инфраструктурата во Западен Балкан не смееме да им ја препуштиме на надворешни актери, бидејќи во меѓународните односи нема вакуум. Проширувањето на ЕУ е геополитичка неопходност, а концептот за постепена интеграција мора итно да донесе конкретни резултати за граѓаните, наместо земјите со децении да остануваат во чекалната, рече тој.“

На крајот, професорот Иван Дамјановски ги претстави заклучоците од обемните истражувања за геополитичките влијанија во регионот:
„Податоците покажуваат еден навидум контраинтуитивен тренд, и покрај стагнацијата во процесот на пристапување, Северна Македонија денес е геополитички поусогласена со политиките и интересите на ЕУ од кога било досега. Во изминатите неколку години бележиме брз и значителен пад на руското и кинеското политичко и економско влијание во земјата, додека граѓаните и понатаму ја гледаат ЕУ како најважен економски партнер и сојузник од најголема доверба.“

Панел-дискусијата заокружи дека стратешката поврзаност бара итно надминување на препреките на патот кон ЕУ, при што забрзувањето на реформите и реализацијата на инфраструктурните проекти остануваат клучните претпоставки за долгорочната стабилност и европската интеграција на земјава.







