Институтот за демократија „Societas Civilis“ – Скопје и Фондацијата Конрад Аденауер во 2014 година иницираа воспоставување на лонгитудинална база на податоци за јавната поддршка на процесот на пристапување кон Европската Унија и членството на Северна Македонија во ЕУ, која се реализира преку годишни истражувања на јавното мислење засновани на кохерентна методологија и мерење на идентични прашања.
Оваа база на податоци се фокусира на две димензии на јавното мислење во однос на македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, кои се опфатени во секое годишно истражување, при што нивното мерење се врши со користење на идентични сетови на анкетни прашања. Истата база на податоци се користи за компаративна анализа во оваа заедничка публикација на Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, финансирана од Европскиот парламент.
Изданието на истражувањето за 2025 година го анализира јавното мислење низ четири клучни димензии кои ги одразуваат и внатрешните и меѓународните динамики што ја обликуваат европската траекторија на земјата.
- Kако граѓаните го перцепираат процесот на пристапување во ЕУ од внатрешна перспектива, вклучително и нивните преферирани следни чекори, ставовите за уставните измени и приоритетите во однос на реформите.
- Се оценуваат перцепциите за подготвеноста на ЕУ за проширување, вклучувајќи ја поддршката за различни модели на интеграција и очекувањата за подготвеноста на Унијата до 2030 година.
- Третиот сегмент ја истражува позицијата на Северна Македонија во променливиот светски поредок преку анализа на геополитичките приоритети на граѓаните, нивната преферирана надворешнополитичка ориентација и стратешкиот идентитет на државата.
- Истражувањето ги оценува јавните перцепции за надворешното економско влијание и доверливите партнери, вклучително и улогата на ЕУ, Соединетите Американски Држави и другите глобални актери во обликувањето на економската и политичката насока на земјата.
Истражувањето беше спроведено преку теренска работа во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година, на примерок од 1003 испитаници.
Ова се дел од клучните наоди:
- Граѓаните остануваат поделени во однос на следните чекори во процесот на пристапување во ЕУ. Најголемиот дел (27%) претпочита повторно преговарање на преговарачката рамка („Францускиот предлог“), додека 24% ја поддржуваат промената на Уставот.
- Поддршката за уставните измени останува стабилна во период од три години (20–24%), што укажува на долгорочна конзистентност во ставовите.
- Поддршката за промена на преговарачката рамка е повеќе од двојно зголемена од 2023 година (13% -> 27%), што одразува растечка фрустрација од надворешните услови, а не од самата Европска унија.
- Јавното мислење е длабоко поларизирано по етничка линија: 57% од етничките Албанци ги поддржуваат уставните измени, наспроти само 11% од етничките Македонци.
- Сѐ поголем дел од граѓаните (51%) сега ги гледаат преговорите со ЕУ како процес на унапредување на законодавството и стандардите – зголемување од 33% во 2024 година, што укажува на созреано разбирање на техничката природа на пристапувањето.
- 40% од граѓаните поддржуваат полноправно членство во ЕУ, додека 29% се залагаат за постепена интеграција која би завршила со членство во рок од 10–15 години. Дополнителни 19% ја поддржуваат фазната интеграција без непосредно членство.
- Оптимизмот во однос на подготвеноста на ЕУ за проширување до 2030 година повторно се зголемил и се вратил на околу 50%, по падот на 33% во 2024 година — што укажува дека граѓаните силно реагираат на политичките сигнали од ЕУ
- Податоците од повеќегодишното следење покажуваат дека перцепциите за влијанието на САД се зголемиле за приближно 6% од 2024 година, продолжувајќи го трендот на гледање на Соединетите Американски Држави како клучен надворешен фактор на влијание.
- Европската унија и понатаму конзистентно се перципира како еден од највлијателните и најдоверливите партнери, задржувајќи ја својата позиција во категоријата „најдобар сојузник“ низ годините.
Целосното истражување:
Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапувањето во ЕУ во 2025 година
Ова е заедничка публикација на фондација Конрад Аденауер и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“. Оваа публикација добива финансиска поддршка од Европскиот парламент. Фондација Конрад Аденауер, Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ и Европскиот парламент не преземаат никаква одговорност за фактите и ставовите изразени во оваа публикација, ниту за каква било понатамошна употреба на информациите содржани во неа. Целосната одговорност ја сносат авторите.
Оваа публикација е наменета исклучиво за информативни цели. Таа не смее да се користи за изборно рекламирање за време на изборна кампања.