fbpx
logo

Анализа на јавното мислење за пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија (2014–2025)

Оваа анализа на јавното мислење за процесот на пристапување кон Европската унија, спроведена во 2025 година, претставува продолжение на истражувањата реализирани во периодот 2014–2024 година. Таа го применува истиот теоретски и аналитички модел на детерминантите на поддршката за членството на Северна Македонија во ЕУ, а воедно ги споредува и своите емпириски наоди со резултатите од претходните истражувања.


Примарните податоци користени во оваа анализа произлегуваат од истражување на јавното мислење спроведено во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година, на примерок од 1.003 испитаници. Примерокот е национално репрезентативен според пол, возраст (над 18 години), етничка припадност, а ги опфаќа и испитаниците од сите шест изборни единици во државата. Резултатите се прикажани во проценти и подлежат на статистичка грешка од ±3%.

Истражувањето ја користи истата методологија и ист прашалник како и анкетите спроведени во претходните години. Овој пристап создава услови за лонгитудинална анализа на поддршката за пристапувањето на Северна Македонија кон Европската унија во изминатите десет години. Дополнително, прашалникот во последните три изданија на истражувањето е благо ажуриран преку воведување на едно целосно ново прашање и измени на некои од постојните варијабли. Оттука, во согласност со претходно воспоставениот аналитички модел, оваа студија се фокусира на анализа на општите трендови и основните детерминанти на поддршката за членството на Северна Македонија во Европската унија во периодот 2014–2025 година.

 

Клучни наоди:

  • 71% од населението поддржува членство во ЕУ, што е за речиси 10% повеќе во споредба со претходната година
  • Евроскептичните ставови се зголемени и изнесуваат 14% од населениетo
  • Бројот на неопределени и апатични испитаници значително се намалил во изминатата година
  • Долготрајната разлика во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – етничките Македонци и етничките Албанци – е намалена
  • 71% од етничките Македонци ја поддржуваат кандидатурата на државата за членство во ЕУ, што претставува зголемување од 15% во споредба со претходната година
  • Членството во ЕУ останува важно за околу 70% од населението
  • 40% од населението смета дека државата е подготвена да стане земја членка
  • Малку над 60% од населението верува дека во изминатата година е остварен напредок во процесот на пристапување
  • 46% од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ
  • Бројот на испитаници кои веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ во наредните 3 до 5 години се зголемил и во 2025 година изнесува 30%
  • Релативно висок дел од населението (19%) останува песимистичен во однос на перспективите на Северна Македонија за членство во ЕУ
  • 60% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите Македонци/граѓани на Република Северна Македонија


Целосната анализа:
Анализа на јавното мислење за пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија (2014–2025)

 

Ова е заедничка публикација на фондација Конрад Аденауер и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“. Оваа публикација добива финансиска поддршка од Европскиот парламент. Фондација Конрад Аденауер, Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ и Европскиот парламент не преземаат никаква одговорност за фактите и ставовите изразени во оваа публикација, ниту за каква било понатамошна употреба на информациите содржани во неа. Целосната одговорност ја сносат авторите.

Оваа публикација е наменета исклучиво за информативни цели. Таа не смее да се користи за изборно рекламирање за време на изборна кампања

Поврзани објави