Институтот за демократија „Социетас Цивилис“- Скопје најостро го осудува физичкиот и вербалниот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Насилството врз јавни функционери, особено кога се случува за време на вршење на службени овластувања и во присуство на институции задолжени за јавна безбедност, претставува сериозна закана за владеењето на правото, демократијата и човековите права.
Дополнителна загриженост предизвикува информацијата дека градоначалничката веќе имала пријавено претходни закани по својата безбедност и имала побарано институционална заштита. Ова го поставува прашањето за ефикасноста и сериозноста со која надлежните институции ги третираат ваквите случаи, особено кога се однесуваат на демократски избраните претставници.
Загрижува и тоа што, според објавените информации, и исказите на Арсовска, нападот се случил во присуство на полициски службеници, кои не реагирале навремено и соодветно. Ваквото однесување отвора сомнежи за селективност, непрофесионализам и можен институционален пропуст кој мора итно да се испита.
Појавата на коментари од јавни личности и државни функционери кои го релативизираат или оправдуваат нападот е исклучително опасна пракса на нормализација на насилството (врз жена, врз граѓанка, врз фунционер и врз секој од нас). Легитимната критика на јавни функционери мора да се одвива во демократска и ненасилна рамка, а насилството никогаш не е оправдано, без разлика на политичките, партиските или личните ставови на граѓаните.
Повикуваме на:
- Брза, транспарентна и независна истрага за нападот и за постапувањето на надлежните институции;
- Преземање одговорност од сите чинители кои затаиле во својата обврска за превенција и заштита;
- Јасна осуда на секое оправдување на насилство во јавниот дискурс;
- Јакнење на механизмите за заштита на јавните функционери, кои поради својата улога се изложени на зголемен притисок, закани и омраза.
Демократското општество не смее да дозволи политичко насилство, институционална небрежност или нормализација на јавен линч. Безбедноста и достоинството на секој граѓанин мора да бидат апсолутен приоритет. Институтот за демократија продолжува да се залага за владеење на правото, одбрана на човековите права и институционалната одговорност.