fbpx
logo

ЕУ интеграцијата во 2024: Од европски сон до македонска реалност

Во периодот од 2016 година досега, Институтот за демократија (ИДСЦС) и Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) спроведуваат национална анкета со репрезентативен примерок за прашања кои се релевантни за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).

Истражувањето се состои од прашања кои се повторуваат секоја година со цел да се утврдат трендовите низ годините и прашања кои се однесуваат на актуелните политичките случувања. Конкретно, ова издание на анкетата го разгледува јавното мислење за актуелните прашања поврзани со евроинтегративниот процес, вклучувајќи ги преземените обврски неопходни за продолжување на преговарачкиот процес со ЕУ, гледиштето на граѓаните околу економски приоритети и глобалните геополитички стратешки актери. Податоците ни овозможуваат да направиме споредбена анализа на трендовите присутни во јавното мислење, а истовремено да го осознаеме и генералниот став за најактуелните прашања во конкретната година.

За подетална анализа, секое прашање е следено, меѓу другите параметри, од аспект на политичка ориентација и етничка припадност на испитаниците.

Наодите од анализата се сумирани во вкупно три категории:

 

1) EУ интеграција и реформски процеси

2) Економски приоритети и партнерства;

3) Глобална геополитика и стратешки партнери

 

Истражувањето беше спроведено теренски во период од 25 октомври до 4 декември 2024 година, преку примерок од 1056 испитаници изработен од страна на Државниот завод за статистика базиран на адреси.

 

Ова се дел од клучните наоди:

  • ЕУ останува најголемиот посакуван економски партнер (33%) и донатор (40%) на земјата, по која следи САД (22% за економски партнер, 17% за донатор).
  • Граѓаните остануваат поделени во ставовите за следните чекори во евроинтегративниот процес. Само 20% од граѓаните сметаат дека уставни измени треба да се неопходниот следен чекор, а 21% од граѓаните сметаат дека со процесот треба да се запре.
  • Се бележи пад на оптимизмот за подготвеноста на Европската Унија да ги прими земјите од Западен Балкан како членки до 2030 година (од 50% во 2023 на 33% во 2024).
  • Испитаниците Албанци се повеќе ориентирани кон Запад (62%), додека испитаниците Македонци се повеќе поделени (33% за Запад, 46% неутрални).
  • Граѓаните ја гледаат евроинтеграцијата како најважен надворешно-политички приоритет (35%), а по неа ја приоретизираат регионалната соработка (26%).
  • САД и понатаму се гледаат како фактор со најголемо влијание во земјата (41%), но нивното влијание бележи пад во однос на 2023 (60%). Во исто време, влијанието на ЕУ значително се зголемува (од 19% во 2023 на 37% во 2024).
  • ЕУ останува најважен сојузник (39%), следена од САД (19%). Младите (18-24 години) оваа година покажуваат отвореност кон Кина (19%), додека испитаниците над 65 години (65+) изразуваат поддршка за Русија (15%).
    ЕУ

 

Целосното истражување: ЕУ интеграцијата во 2024: Од европски сон до македонска реалност

Поврзани објави