Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) организираше настан за прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес, на кој беа презентирани извештаите од набљудувањето и моменталното ниво на имплементација на акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда во Собранието на Северна Македонија.
Настанот го отворија претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Институтот за демократија (ИДСЦС), Марко Трошановски и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, по што следеше презентација на наодите од истражувањето. Свој осврт на презентацијата дадоа координаторите на пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Последниот дел од настанот беше посветен на дискусија за улогата на собраниските комисии и стручната служба во набљудувањето на акциските планови.
Гаши ја истакна важноста на Берлинскиот процес за регионалната соработка и европската интеграција и изјави дека полноправно членство во ЕУ е целта и крајната дестинација на шесте држави од Западен Балкан, Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
„На тој пат осознаваме дека прво, на домашен терен, во нашето соседство и во потесното опкружување треба да градиме и негуваме европски вредности и критериуми. Дека, прво треба да соработуваме со нашите соседи и заедно да работиме на подигање на стандардите за живот во нашите држави, за да обезбедиме влезница за поширокото ЕУ-семејство“, изјави Гаши.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, исто така ја истакна важноста на проширувањето на улогата на парламентите во Берлинскиот процес и дека нивното активно учество е клучно за успешната имплементација на иницијативите што произлегуваат од процесот. Ги посочи предизвиците и придобивките што овој процес ги носи за регионот, со акцент на значењето на парламентарната димензија.
„Берлинскиот процес не е значаен само за заедничкиот пазар, туку и за мобилноста на студенти, признавање на дипломи, научна соработка, зелени појаси, како и декарбонизација. Овој процес ни овозможува чиста енергија која ќе го зголеми потенцијалот за надворешни инвестиции. Придобивките се заеднички, но исто така и предизвиците, на кои ќе работиме да ги надминеме. Парламентите ќе имаат значително поголема улога од онаа што ја имаа досега. Денешниот настан има за цел да го охрабри нашето Собрание да информира за идните чекори во Берлинскиот процес“, рече Трошановски.
Тој потсети дека парламентарната димензија на Берлинскиот процес е поддржана од германското Министерство за надворешни работи и вклучува пратеници и тинк тенк организации од целиот регион, кои се компетентни и подготвени за соработка.
„Нашите истражувања покажуваат дека граѓаните во висок процент (87%) сметаат дека Собранието треба да ја контролира работата на Владата, но само 44% веруваат дека тоа навистина се случува во пракса. Јасно е дека Германија, како иницијатор на овој процес, сериозно се залага за поголема вклученост на пратениците. Се надеваме дека преку работата на пратениците и нашите наоди заедно ќе придонесеме оваа заложба да донесе резултати.“
На присутните во Собранието им се обрати Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија која ја потврди нивната поддршка за продолжување на реформите во регионот.
„Берлинскиот процес има за цел да го придвижи регионот напред кон интеграција во ЕУ. Специјалниот претставник на Германската федерална влада за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, моментално е на регионална турнеја, подготвувајќи го Самитот на Берлинскиот процес во октомври. Потребни ни се конкретни резултати од кои бенефит ќе имаат граѓаните! Вклучувањето на националните парламенти е одлучувачки фактор за нашиот заеднички успех. Дијалогот на парламентите во Берлинскиот процес нуди уникатна платформа за поврзаност на сите нивоа“, рече таа.
Анамарија Велиновска, истражувачка од ИДСЦС, ги презентираше клучните наоди од извештаите, акцентирајќи ги постигнатите резултати и предизвиците во имплементацијата на акциските планови за Заедничкиот регионален пазар и Зелена агенда.
„Целта на набљудувањето е да го презентираме степенот на имплементација на активностите опфатени со акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда на пратениците, кои подоцна ќе можат да ги искористат овие информации за јавни дискусии, пратенички прашања и надзорни расправи за поефикасна имплементација на соодветните институции. Извештаите покажуваат дека делот на дигитализација од заеднички регионален пазар е во понапредна фаза на имплементација на активности за дигитална инфраструктура и поврзаност, а застој се забележува во делот на сајбер безбедност и доверба. Во областа на декарбонизација од зелена агенда, степенот на имплементација е моментално на носење соодветно законодавство, со специјален фокус на Законот за климатска акција“, истакна Велиновска.
Целосниот извештај може да го прочитате ТУКА.
Настанот продолжи со дискусија која ја модерираше Зоран Нечев координатор на Центарот за европски интеграции при ИДСЦС во која учествуваа Никола Мицевски координатор на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски координатор на пратеничката група од ЗНАМ и Блерим Беџети координатор на пратеничката група од ДУИ, кои се осврнаа на придобивките од Берлинскиот процес и ја поддржаа идејата за формирање интерпартиска комисија за соработка што заеднички ќе работат на оваа проблематика.
Тема на дискусија на настанот беше и улогата на собраниските комисии и стручната служба во набљудување на активностите. Говореше Марина Димовска, Генерален секретар на Собранието, која кажа дека по 10 години, видливи се придобивките од Берлинскиот процес, а подготвеност да придонесат кон овој процес најавија и Беќим Ќоку, претседател на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и Бојан Стојаноски претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика
Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес. Проектот е поддржан од Германското сојузно министерство за надворешни работи.