Независноста и професионалноста на судството не се исклучиво значајни само од призмата на човековите права, како што е правото на фер и правично судење, туку претставуваат исклучително важна компонента на модерните демократски држави, поради нивното влијание врз владеењето на правото. Поради тоа, државите имаат преземено серија чекори на глобално ниво за да се обезбедат основни гаранции за независноста на судскиот систем. Препознавајќи ја меѓусебната поврзаност и условеност на професионалноста и независноста на судскиот систем, ваквите препораки се однесуваат на можноста и слободата на изразување и здружување која ја уживаат судиите, основните тренинзи и континуираните обуки, условите и постапката за избор, унапредување и одговорност, како и мандатот, имунитетот и условите за вршење на професијата. На сличен начин се преземени чекори на регионално ниво, кои освен што вклучуваат препораки и за независноста на судството, во веќе постојните ги додаваат и односот и меѓусебната условеност на судската, законодавната и извршната власт.
Низ овие препораки може да се забележи тесната поврзаност и меѓусебната условеност на независноста на судството со професионалноста и квалитетот на судството во целина. Со други зборови, колку судството е понезависно од законодавната и извршната власт, толку е поверојатно дека тоа ќе биде поквалитетно, а од друга страна, квалитетот и професионалноста на судиите и останатите чинители во судскиот систем неминовно придонесуваат за зајакнување на неговата независност и отпорност на надворешни несоодветни влијанија врз судството. Независноста и професионалноста на судскиот систем се тесно поврзани со борбата против корупцијата, бидејќи независноста и професионалноста не само што значат отпорност на судиите и судскиот систем во целината на корупциски влијанија и појавата на корупција и судир на интерес во судството туку и влијаат врз ефикасноста на државните напори за превенција и сузбивање на корупцијата.