Во 2023 година, 60% од македонското население ги поддржува перспективите на земјата за членство во ЕУ, што е намалување од 4% во однос на претходната година и го означува најнискиот процент на поддршка до сега. Само половина од младата популација (18-24 години) го поддржува членството во ЕУ. За 20% од населението членството во ЕУ воопшто не е важно, а 12% од населението е отворено евроскептично.
Резултатите оваа година покажаа дека иако билатералните прашања остануваат отворени, граѓаните продолжуваат да гледаат на преговарачкиот процес како усогласување со законите и стандардите на ЕУ.
Само 24% од испитаниците се согласуваат да се промени Уставот за внесување на бугарското малцинство за да продолжиме со интегративниот процес. Скоро две третини или 65% од испитаниците сметаат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минати криминални дејствија.
Покрај турбулентниот пат кон неа, Унијата продолжува да биде перцепирана како најголем донатор, економски партнер и сојузник на државата.
Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Europe house. Податоците кои се користени во анализите произлегуваат од анкетно истражување на јавното мислење спроведено во текот на месец ноември 2023 година на примерок од 1000 испитаници.
Поздравни обраќања на настанот дадоа претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски, и Даниел Браун, директор на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденаур во Скопје. Свое воведно обраќање даде и Ото Граф, заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор на Амбасада на СР Германија во Република Северна Македонија.
Трошановски информираше дека од 2014 година до сега, ЕУ има најнизок степен на поддршка која годинава изнесува 60% но дека сепак мнозинството граѓани ја подржуваат ЕУ.
„Голем дел на овој пад се должи на горчливото искуство на земјата со критериумите што го има за започнување на преговори, кои не секогаш беа објективни. Но таа перспектива не треба да биде приоритет, туку приоритет треба да биде што нашата земја прави за да се приближи до Унијата. Треба да се фокусираме на патот кон ЕУ и реформите и тие треба да ги направиме поради самите себе. Фрустрацијата која што ја чувствуваме не треба да биде аргумент за скршнување од овој пат“, смета тој.
Браун истакна дека не е изненаден од резултатите кои што се должат на тешкотиите кои што Северна Македонија ги имаше во евроинтегративниот процес изминатите години.
„Од една страна не е изненадување дека паѓа ентузијазмот, но од другата страна бројот на луѓе кои што се евроскептици не се зголемува. Тоа значи граѓаните покажуваат фрустрација. Зборуваме за земја која што две декади е кандидатска членка, а има и нерешени прашања со соседите. Сите тие работи се разбирливи но земјата има многу задачи кои што треба да ги заврши односно потребен е прогрес во реформскиот процес. И двете страни треба да работат за Северна Македонија да се приближи кон ЕУ, затоа што ако сме искрени сите ние ја сакаме истата работа а тоа е интеграција на С. Македонија во ЕУ“, рече Браун.
Граф потенцираше дека С. Македонија е многу успешна во бирократскиот дел од скрининг процесот кој успешно е завршен.
„Од друга страна за граѓаните е многу поважно што може да почувствуваат од реформскиот процес и ова треба да е приоритет во следниот период“, додаде тој.
Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први при УКИМ и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институт за демократија.
Осврт на истражувачките трудови дадоа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, Претседателот на Комисија за европски прашања во Собрание Арбер Адеми и претседателот на Национален совет за евроинтеграции Александар Николовски.
Маричиќ рече дека секој кој што е во политика треба да чувствува одговорност за изминатите 18 години колку што земјата е кандидат за членка и дека годишнините треба да се користат за резиме каде сме погрешиле и што понатаму.
„Се што не се уставни измени ние направивме до минатата недела, го завршивме скринингот и ќе испратиме се она што беше бирократски процес во Брисел. Поважното прашање е решавање на проблемот за наредната година да немаме ситуација во која уште 10% помалку ќе веруваат во ЕУ“, рече тој.
Адеми смета дека сите политичари и партии се одговорни за падот на поддршката за процесот на членство на нашата земја во ЕУ.
„Водејќи грижа за глас повеќе, не водиме грижа за стратешките цели на нашата земја, така расте популизмот и национализмот па и евроскептицизмот. Нема подобра алтернатива од ова сега што се нуди“, додаде тој.
Податокот дека младите се најмногу евроскептични е најзагрижувачки податок смета Николовски.
„Како е возможно држава која што е војна, Украина, почна преговори, а Македонија не почна преговори. Покрај политичкото прашање, многу поважен е принципот на владеење на правото бидејќи мислам дека основата зошто не почнуваме преговори е поради високото ниво на криминал и корупција и принципот на неказнивост“, вели Николовски.
Завршно обраќање на настанот даде Хозе Луис Лозан Гарсија, Амбасадор на Шпанија.
Двете истражувања на јавното мислење на македонски јазик може да ги прочитате на следните линкови:
Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2023)
ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година
Анализите на англиски јазик може да ги прочитате тука:
ANALYSIS OF PUBLIC OPINION ON NORTH MACEDONIA’S ACCESSION TO THE EUROPEAN UNION (2014-2023)
EU INTEGRATIONS IN THE SHADOW OF THE INTERNAL PROCESSES – PUBLIC OPINION ANALYSIS FOR 2023








