Институт за демократија денеска во хотелот Панорамика во Скопје го одржа настанот „Отворени прашања за изборното рекламирање со државни средства“ на кој се дискутираше за ризиците од корупција кои се поврзани со државното рекламирање како и платеното политичко рекламирање. Дискусијата се осврна врз слабостите во регулативата кои се потенцијален ризик за злоупотреба и корупција.
Настанот го отвори Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија кој истакна дека поранешното искуство покажува дека со медиумскиот клиентелизам се задржува наративот и оние кои што ги контролираат медиумите можат да го контролираат наративот во општеството и начиниот на кој што се дебатираат општествените проблеми.
„Пристапот до медиумите е всушност едно многу силно оружје во рацете во оние кои што имаат моќ врз медиумите да одржуваат некаква контрола. Ако тоа е власта – партијата на власт која што го контролира, овозможува одржување на власт. Токму заради тоа функционалниот плурализам во медиумите е значаен инструмент за демократизација на општеството и разлабавување на тие стеги кои што можат да се појават доколку оние кои што имаат контрола врз медиумите ја користат таа за да остварат свои приватни интереси“, рече Поповиќ.
Своја излагање дадоа новинарот Жарко Настоски и Зоран Трајчевски, Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Настоски потенцираше дека државното финансирање на медиумите придонесе за нагло влошување на квалитетот на новинарството, бидејќи клинтелизмот на тој начин најотворено влегува во односот меѓу државата и медиумите.
„Можноста да ги доделувате државните пари на одредени телевизии, веднаш во себе крие потенцијал за злоупотреби. Тоа кај нас сме го виделе на дело како функционира. Милиони евра од даночните обврзници се истурија во тие неколку телевизии, неколку медиуми во времето на Груевски. Знаеме како функционираше тоа и во што се претворија тие медиуми. Како што растеа сумите кои што им се префрлаа, така медиумите стануваа понепрофесионални, попристрасни и понеобјективни“, смета Настоски.
Со законските одредби да биде платено политичкото рекламирање се финансира од буџетот, Агенцијата е должна да ја прати секоја секунда, истакна Трајчевски.
„Агенцијата ја губи основната функција наместо да прави анализа како известуваат медиумите за политичките кампањи, ние се претвораме во стоперица на мерење на секунди. Бидејќи ако направиме грешка и исплатиме повеќе пари, прстот ќе биде насочен кон нас“, додаде Трајчевски.
Видео од настанот може да погледнете тука:
https://www.youtube.com/watch?v=hjQueeBTmmE
Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.