Собранието ја зазема централната улога во борбата против корупцијата. Пратениците носат закони, го избираат раководството, одлучуваат за буџетот и вршат надзор врз работата на антикорупциските институции. Оттука, особено важно за борбата против корупцијата е, пред сè да се имплементираат стандарди и механизми за спречување на корупцијата и градење на интегритетот на пратениците. Еден чекор во таа насока е членството на Северна Македонија во Групата на држави против корупцијата – ГРЕКО, која е задолжена за следење на усогласеноста на државите членки со антикорупциските стандарди на Советот на Европа. Со членството во ГРЕКО, државата започна процес на евалуации на антикорупциските процедури и стандарди и се обврза да ги имплементира препораките кои произлегуваат од тие процеси. Стандардите, меѓу другото, се фокусираат и на спречување на корупцијата кај пратениците во Собранието.
Овој краток документ за јавни политики го анализира напредокот во спроведувањето на препораките од Четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО за спречување на корупцијата во Собранието.
Како напредува Собранието во спроведувањето на препораките на ГРЕКО?