fbpx
logo

Улогата на парламентите на Западен Балкан во Берлински процес, тема на настанот кој ИДСЦС го организираше во Собрание

Институтот за демократија на 12 и 13 септември беше домаќин на регионалниот настан „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ на кој учествуваа парламентарци и стручна служба од Парламентите на Западен Балкан, Германскиот Бундестаг и Европскиот парламент.

Целта на настанот е да го доближи Берлинскиот процес до пратениците и стручната служба и да иницира меѓу-парламентарна и експертска дебата за улогата на парламентите на земјите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот Процес.

Првиот ден настанот го отворија претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, претседателот на Институт за демократија Марко Трошановски и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, а потоа свое клучно излагање даде и претседателот на комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг Михаел Рот.

Трошановски вели дека Берлинскиот процес опфаќа соработка помеѓу балканските земји кои ги приближува една кон друга истовремено приближувајќи ги кон ЕУ.

„Бесплатен роаминг во Балкан, признавање на дипломи или професионални квалификации или патување само со лична карта се придобивки поттикнати од Берлинскиот процес, кои се исто придобивки од членството во ЕУ. Процесот има многу политики покрај овие (во делот на иновации, зелена агенда, дигитална промена на нашите општества итн.) и располага со финансиски средства. Владите преземаат обврски чие спроведување бара посветеност и ефикасност. Со овој проект сакаме да ги вклучиме и парламентите да дадат свој придонес за забрзување на овие заложби“, вели Трошановски.

Свесни сме дека географски, стратешки и со мнозинската волја на граѓаните, како регион сме предиспонирани да станеме членки на Европската унија, штом ги исполниме потребните услови за членство, вели Џафери.

„Исто така, сме свесни дека на тој пат, сите ние поединечно и колективно сме исправени пред многу предизвици од различна природа. Искуствено, од претходните проширувања, мора да прифатиме дека мораме да се справиме и да најдеме прифатливи решенија за сите прашања кои се третираат како отворени и ни претставуваат пречка на тој пат. Со ставање во прв план на најболните и најкомплексните прашања во агендата, Германија покажа јасна проактивна улога за помош и поддршка за регионот и недвосмислена порака дека на нашите општества им е потребно конечно помирување и реални проекти во детектираните области од страна на Европската комисија“, рече Џафери.

Според Рот, војната на Русија во Украина ставила до знаење дека стабилизација на земјите кандидатки за членки е во интерес на сите. Тој додаде дека за да се постигне тоа, процесот на пристапување мора да се реформира за да граѓаните во земјите кандидатки имаат бенефити и пред самото пристапување.

„Ве уверувам дека понекогаш како парламентарци имате повеќе влијание отколку ако сте дел од владата. Сакам да потенцирам дека вашата иднина е исто така наша заедничка иднина. Пристапувањето на Северна Македонија ќе биде од симболично значење за цел регион бидејќи е мултиетнички пример за цел Западен Балкан. Голем дел од граѓаните од регионот ја гледаат нивната иднина во ЕУ без разлика на сите разочарување кои ги имаа од ЕУ, но не сум сигурен дека се трпеливи да чекаат уште 20 години. На граѓаните им треба итна опипливост на придобивките од влезот во ЕУ а за да се постигне ова потребна е реформа на пристапувачкиот процес“, додаде Тој.

На панел дискусијата посветена на улогата на парламентите во Берлинскиот процес дискутираа претседателот на Комисијата за европски прашања во македонското собрание, Арбер Адеми, претседателката на комисијата за европски прашања во албанскиот парламент, Јорида Табаку, пратеникот Роберт Козма, член на Комисијата за европски прашања во српскиот парламент,  пратеникот Шемсудин Мехмедовиќ,  член на Комисијата за транспорт и комуникации во Собранието на Босна и Херцеговина, Арбреше Криезиу-Хусеини, претседателката на Комисија за надворешни работи во косовското Собрание и Зденка Поповиќ, член на Комисија за економија, финансии и буџет од црногорското собрание.

Советничката за политички процеси поврзани со Берлинскиот процес во Владата на Република Северна Македонија, Марија Филева одржа кратка презентација за досегашните достигнување на Република Македонија во Берлинскиот процес.

На последниот панел од првиот ден „Научени лекции од усвојување на договорите за мобилност“, клучно обраќање имаше Мануел Сарацин, Специјален претставник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, а панелисти беа Амер Капетановиќ од Совет за регионална соработка, Ванчо Узунов, Шерпа за Берлински процес од Македонија и Јетон Зулфај, Шерпа за Берлински процес од Косово и Лулзул Рафуна, Претседател на Управен одбор на Коморски инвестициски форум на Западен Балкан.

Вториот ден од настанот започна со обраќање на Виола Вон Крамон од Европскиот парламент која се обрати преку видео порака и Давид Оберхубер, директорот на ГИЗ Северна Македонија.

На првата сесија „Трансфер на знаење и консултации за Берлинскиот процес“ се обратија Амер Капетановиќ, раководител на политички оддел во Регионален совет за соработка и Милица Чворовиќ, експерт за координација и комуникација при Секретаријат на ЦЕФТА. На втората сесија „Трансфер на знаење и консултации за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда“, зборуваа Маја Ханџинска Трендафилова директорка на РеСПА(Регионална школа за јавна администрација) и Јасмина Петковска, член на регионалната работна група за Зелена агенда за Западен Балкан при Советот за регионална соработка.

Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес.

Проектот е имплементиран од шест партнерски организации во земјите од Западен Балкан. Носител-организацијата на проектот е Институтот за демократија (ИДСЦС) од Скопје. Останатите партнери се Институт Алтернатива од Црна Гора, Институтот за политички науки од Албанија, Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија, Демократски институт – Косово и Мрежата на прогресивни иницијативи од Босна и Херцеговина. Проектот е поддржан од Германското министерство за надворешни работи.

Поврзани објави