fbpx
logo

Родово сензитивно Собрание и родовата еднаквост на политичката сцена: Осврт кон состојбите во Северна Македонија

Оценката на индексот за родова еднаквост во Северна Македонија за 2022 година е 64,5 од 100, што претставува подобрување за 2,5 поени од претходната проценка во 2019 година. Ако напредокот продолжи со оваа стапка (2,5 поени на секои четири години), родовата еднаквост во сите области ќе биде постигнат за околу 57 години. Во политиката, учеството на жените во Северна Македонија бележи значителен напредок од осамостојувањето на земјата, но како што покажува Индексот за родова еднаквост, работата за постигнување родова еднаквост останува недовршена, иако Уставот и законите генерално се усогласени со меѓународните стандарди и практики за забрана на дискриминација и право на учество во политички процеси.

Зголемениот број на жени во Собранието овозможи родовите прашања да бидат дел од дневниот ред на Собранието, додека родовите аспекти се провлекуваат во дискусиите на собраниската говорница. Застапеноста на жените во Собранието со 43% се должи на квотите за помалку застапениот пол пропишани во Изборниот законик кои ги обврзуваат партиите при креирање на кандидатските листи да внимаваат на родовата застапеност. Сепак исполнувањето и држењето на овој законски минимум не ја остварува целта на родовата еднаквост што подразбира и суштинско учество на жените во процесот на донесување одлуки и сопственост врз одредени политички процеси.

Застапеноста на жените во посебни организациони форми во рамки на партиите и нивно вклучување во раководните структури на партијата се загарантирани со статутите. Сепак и покрај статутарно регулираниот процес на регрутирање и селекција за кандидати и кандидатки, тој најчесто е раководен од најтесното партиско раководство, во кој единствено се внимава на почитување на Изборниот законик во врска со квотата за кандидати од помалку застапениот пол. Недостигот на внатрепартиска демократија, непостоење на систем на селекција на кандидати базиран на квалитет и достигнувања, стимулација и поддршка на кандидатките во рамки на партијата, како и сензибилизација на мажите во рамки на партијата како да остварат вистински простор за развој на жените во партиите се покажуваат како главни пречки за унапредување на учеството на жените во партиските политички процеси.

Прочитајте го целиот документ за јавна политика тука:

Родово сензитивно Собрание и родовата еднаквост на политичката сцена: Осврт кон состојбите во Северна Македонија

Поврзани објави