Отсуствува темелност, дисциплина и постојаност во примена на решенијата и механизмите за реформи во правосудството. Врз одлуките на судиите влијаат нивните колеги, надредените, како и членовите на Судскиот совет, политичарите, и бизнис елитите. Ова е заклучокот од настанот „Како до независно судство?“ кој што Институт за демократија денеска го организираше и на кој се дискутираше за работата на Судскиот совет и реформите во правосудството.
Воведно обраќање на настанот даде Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС кој рече дека идејата за организирање на овој настан произлегува од потребата да се отвори дискусија и да се засили во јавноста притисокот врз правосудството односно судството, а поттикнато од две скорешни состојби а тоа е работата на Судскиот совет и објавувањето на проценката на ризици од корупција на ОБСЕ кое што укажува на сериозни ризици од корупција во судската работа.
„Резултатите од истражувањето покажуваат дека постојат две групи кои што влијаат врз работата на судиите. Првата група се колегите на судиите, во хоризонтала и непосредно надредените судии. Втората група се политичарите, Судскиот совет и бизнис елитите“, вели Поповиќ.
Истото се повторува веќе 30 години. Иако се вложува во судството, се унапредуваат условите во кои што работат, имаат АКМИС систем, се унапредуваат постапките, методологијата, дојдени сме во ситуација самите судии да не веруваат во системот, потенцираше Уранија Пировска, Извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Вкоренет е впечатокот дека во суд можеш да доживееш правдата само ако имаш соодветна политичка врска или пари. Некогаш и не мора да им се приближи или јави политичар за да постапуваат на одреден начин. Тие штом се смени владејачката структура се вратат како марионетки и постапуваат во насоката во која што сметаат дека е посакувана“, смета Пировска.
Според неа, од тој менталитет можеме да се ослободиме ако се избориме да ги нема дилемите како на пример „што со членовите на Судски совет што треба да се предмет на постапка“.
„Судскиот совет има нелегитимен претседател, тој орган продолжува да постапува нелегитимно, дрско и безобразно и сите молчат. Тие не чувствуваат одговорност кон јавноста, седниците кои што ги одржуваат се фарса. Кој ќе не спаси од идните именувања на судии кои што очигледно имаат товар за несоодветно и нечесно постапување и се поврзани со политички структури? Можеби треба да размислиме и во насока на тоа да има посебна комисија која ќе одлучува за претставките покренати за членовите на Судскиот совет“, додаде Пировска.
Дарко Аврамовски, Извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ смета дека за да најдеме некое решение прво треба да имаме соодветна таканаречена дијагноза.
„Една од причините зошто голем дел од реформите во правосудството се покажани како неуспешни е отсуството на тоа кои фактори треба да бидат адресирани а потоа и на тоа кои би биле најсоодветните мерки кои треба да се преземат за да има соодветни резултати. Ако ги погледнеме истражувањата од невладиниот сектор неколку години наназад, всушност ние имаме проблем со отсуството на темелност, дисциплина и постојаност во примена на решенијата и механизмите кои што во суштина ги имаме“, вели Аврамовски.
Според него, мора да се најдат начини како да се најдат вистинските луѓе кои што ќе бидат во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дека мора да почнат да се решаваат работите од коренот.
„Меѓутоа тоа не значи дека треба да се сконцентрираме исклучиво на работата советите. Мора да најдеме начин како судиите и обвинителите да земат суштинско учество во ваквите реформски процеси“, додаде тој.
Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.
Видеото од настанот може да го погледнете тука: