logo

Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2023)

Во периодот февруари – април 2023 година, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ППП), спроведе комбинирано истражување со теренска анкета и девет фокус-групи за подобро да ја истражи јавната перцепција за работата на Собранието и политичките партии, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во Северна Македонија.

Истражувањето реализирано во 2023 година, покажува дека перцепција на граѓаните за работата на Собранието е генерално во линија со јавното мислење изјавено во последните четири години. Ваквите ставови се речиси непроменети во однос на најголем дел од прашањата од областа на функциите на Собранието, неговата отвореност кон јавноста, работата на пратениците и собраниските реформи. На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, во 2023 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,2 која бележи пад на скалата, споредено со изминатите четири години.

ИНФОРМИРАНОСТ ЗА РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО

Доминантен дел од граѓаните сметаат дека Собранието има значајна улога во политичкиот живот на државата, но повеќе од половина од испитаниците не се запознаени со тоа што се работело во Собранието во изминатиот период. Како најкарактеристично од работата на овој парламентарен состав, најголем дел од анкетираните граѓани го издвоија Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата и Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година. Телевизијата останува најпопуларен канал за информирање меѓу граѓаните кога станува збор за работата на Собранието, додека Собранискиот канал и веб-страницата на Собранието, како официјални алатки за информирање на Собранието, остануваат малку искористени.

КОНТРОЛА И НАДЗОР НА СОБРАНИЕТО ВРЗ ИЗВРШНАТА ВЛАСТ

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја користи докрај својата уставна надлежност за контрола над Владата, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, скоро половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат за критика или реклама.

ФУНКЦИИ НА СОБРАНИЕТО

Иако најголем дел од граѓаните имаат перцепција дека пратениците имаат влијание врз квалитетот на законите, сепак тие не се задоволни од нивниот квалитет и сметаат дека тие се менуваат често. Токму донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани.

ЈАВНОСТА ВО РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО

Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите. Мнозинството граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците од нивните изборни единици не се достапни за средби со граѓаните и не ги информираат доволно граѓаните за својата работа, а не се запознаени ни со пратеничките канцеларии. Граѓаните забележуваат и дека пратениците недоволно се осврнуваат на проблемите на општините и локалните заедници. За разлика од минатата година, граѓаните се помалку запознаени со тоа кои се пратениците од нивните изборни единици. Доминантен дел од граѓаните изјавија дека не се информирани како може да учествуваат во работата на Собранието, што резултира со фактот дека значително мал дел од испитаниците се обиделе да учествуваат во работата на Собранието.

КОГО ПРЕТСТАВУВААТ ПРАТЕНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

Испитаниците се релативно поделени околу впечатокот во која мерка пратениците ги претставуваат интересите на граѓаните во Собранието. Од друга страна, најголем дел од нив сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат интересите на нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите. Доминантен дел од анкетираните граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците до некоја мерка се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат

СОБРАНИСКА ДЕБАТА

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Дополнително, половина сметаат дека излагањата на пратениците се малку или воопшто не се аргументирани. Анкетираните граѓани, исто така, сметаат и дека на здруженијата на граѓаните треба да им се овозможи поголема вклученост во работата на Собранието. Кога станува збор за односот помеѓу пратениците, најголем дел од граѓаните го опишале како непријателски и натпреварувачки. Дополнително, граѓаните имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и ги деградираат своите колеги од други политички партии. Во поглед на тоа колку секоја од парламентарните партии придонесува кон поквалитетна работа на Собранието, перцепцијата на граѓаните е негативна (целосно или делумно не придонесува) во однос на сите коалиции и партии.

РЕФОРМИ Во однос на реформските процеси на државата, граѓаните се генерално поделени во впечатокот за подготвеноста на Собранието да спроведе реформи со кои ќе се нормализира политичката состојба. Мнозинството граѓани не го поддржуваат бојкотот на работата на Собранието ниту развлекување и одолговлекување на дебата за да не се донесе некој закон или одлука како исправни начини за искажување политички ставови во работата на Собранието. Граѓаните се согласни со тоа дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии. Постои генерална конфузност кај испитаниците за придобивките од изборните реформи како воведувањето отворени листи или една изборна единица. Најголем дел од испитаниците сметаат дека промената на изборниот модел ќе доведе до намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери. Испитаниците не идентификуваа доминантна маргинализирана група чии интереси пратениците најмногу ги застапуваат.

ПОЛИТИЧКИ КОНТЕКСТ НА ИСТРАЖУВАЊЕТО

Доминира бројот граѓани кои сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока во однос на оние што го сметаат спротивното. Најголеми оптимисти се жителите на Југозапад, каде над половина одговорија дека животот се движи во правилна насока. Најмногу негативни одговори, односно дека животот се движи во погрешна насока дале жителите на Вардарски Регион, Југоисточен Регион, Пелагониски, Полошки и Североисточен Регион. На скала од 1 – најниска, до 10 – највисока, граѓаните со највисока оценка на доверба го оценија Претседателот на државата – 3.6, следуваат Собранието со 3.4 и Владата со 3.3. Најниска оценка на доверба доби судството со 2.7.

Целата публикација може да ја прочитате тука:

Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2023)

Поврзани објави