fbpx
logo

Со измените по скратена постапка на законите за коридорите 8 и 10д се заобиколува анализата за ризици од промените

Институт за демократија денеска во Хотел Солун го одржа настанот „Зголемени ризици од брзи измени на закони за изградба на коридорите 8 и 10д“ на кој се дискутираше за различните аспекти на предложените законски измени и какви импликации ќе имаат во областите кои ги опфаќаат. Законските измени се предвидени по скратена постапка, без претходна дискусија во која би се разгледале нивните импликации и без консултација со засегнатите страни.

Воведно обраќање на настанот имаше Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија кој потсети дека и во 2021 година имаше реакции на носењето на специјалниот закон за изградба на коридорите 8 и 10д затоа што специјалното носење на закони сами по себе носат зголемен ризик од корупција.

„Со предложување на измените на осумте закони по скратена постапка, се оневозможува поголема јавна расправа во која ќе се вклучат сите засегнати страни кои што ќе ги кажат своите видувања од позиција на експерти и на тој начин пратениците ќе донесат поквалитетна одлука“, рече Поповиќ во воведното обраќање.

На темата дискутираа Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници, Тона Карева, од Хелсиншки комитет за човекови права и Орданче Петров од Македонско археолошко друштво.

Коцевски потенцираше дека експертите и граѓанските организации долго време укажуваа на злоупотреба на скратената постапка во Собранието, а сега тоа се применува со што се оневозможува соодветно да се идентификуваат и дискутираат сите аспекти на измените.

„Мошне сериозна слабост во предложените измени е тоа што се работи за проект од национален и стратешки интерес за државата. Од гледна точка на правото, исклучоците мора да бидат јасно и прецизно уредени да овозможат да се знае точно на кои лица, кои проекти и под кои услови се применува оваа фраза. Самата содржина на трите измени на Законот за работни односи е изразито проблематична од аспект на владеење на правото. Клучниот проблем е што со овие предлог измени се заобиколува одлуката на Уставен суд кој одлучи дека озаконувањето на прекувремено работно време,  од она што е законски предвидено, е неуставено, не поради формални причини туку поради суштински. Законодавецот е врзан со одлуката на Уставниот суд и предлагачите одат во спротивност со Уставниот суд што е во целосна спротивност на владеење на правото“, додаде тој.

Карева смета дека се заобиколува просторот за анализа на измените на законите кои што се предвидени, дали тие се издржани, дали се потребни, колку се потребни и што тие би значеле во пракса.

„Се менуваат многу значајни закони, кои предвидуваат строги правила и веќе постојни начини на постапките кои што се утврдени со самите закони. Измените предлагаат олеснување, а во некои делови и измени на самите постапки предвидени со овие закони. Станува проблематично тоа што измените се оправдуваат со тоа што се вели дека станува збор за проект од стратешко и национално значење и се остава голем простор за толкување што би значело тоа во иднина. Државата треба да реализира стратешки проекти, но треба да се анализира кои исклучоци се потребни, во кое време, за кои закони и дали овие исклучоци се навистина потребни во овој момент“, вели Карева.

Измените на законот за заштита на културното наследство за сега се повлечени од собраниска процедура, но не сме сигурни дека тоа така и ќе остане, истакна Петров.

„Заштитата на културното наследство е темелна вредност и се заштитува со Устав, во секакви услови на територијата на целата држава без исклучок. Со измените на законот доведено е во прашање можната заштита и се нарушува севкупниот систем на заштита на културното наследство. Се прави заобиколување на надлежните установи и на целиот систем на заштита“, рече тој.

Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.

Видео од настанот може да погледнете тука:

Поврзани објави