Форсајт анализата за состојбата на борбата со корупцијата до 2030 на Институт за демократија, преку поволно и неповолно сценарио придонесува за стратешкото планирање на институциите во борба против антикорупцијата.
Сценариото со поволна клима за развој на антикорупција до 2030 година предвидува состојба во која Северна Македонија е длабоко навлезена во реформи во однос на владеењето на правото, а резултатите од истите се веќе видливи. Во сценарио со неповолна клима за развој на антикорупција до 2030, силата на корупциските актери и слабоста на европската условеност ги оневозможува суштинските реформи во правосудството.
Човечкиот капитал не е бесконечен, а одлуката да се остане во земјата не зависи само од парите, туку и од подобрување на квалитетот на животот, квалитетот на услугите и ослободување од корупција. Постои огромна потреба да се препознае овој маѓепсан круг и решително да се зачекори во остварување на слабостите на системот.
Оваа инвестиција подразбира вложување во луѓе и ресурси на институциите и овозможување на раководен кадар кој ќе може независно да ги води институциите. Централна одговорност за ова имаат Владата и Собранието. Владата треба да изнајде начин да го напушти именувањето врз основа на партиска припадност и да овозможи квалитетен процес на формулирање идни антикорупциски цели и политики. Должност на Собранието е да ги штити институциите, овозможувајќи им ресурси и квалитетни закони според кои тие треба да постапуваат.
Погледнете го краткиот документ за „Форсајт анализата на идни и сегашни корупциски предизвици“:
Антикорупција 2030: Форсајт анализа на идни и сегашни корупциски предизвици