fbpx
logo

ИДСЦС организираше дискусија за сегашните и идни антикорупциски предизвици

Институт за демократија денеска во хотелот Холидеј Ин ја организираше тркалезната масата насловена “Антикорупција 2030: Сегашни и идни антикорупциски предизвици”.

Целта на конференцијата беше презентација на форсајт анализа за можните сценарија по кои ќе се развиваат корупцијата и борбата против корупцијата до 2030 година и како институциите да се справат со идните предизвици. Анализата беше подготвена во соработка со главните антикорупциски институции во државата и претставници на граѓанското општество, како дел од процесот на стратешко планирање за справување со предизвиците кои ги носи борбата против корупцијата.

Воведно обраќање на настанот даде претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски кој рече дека анализата разгледува две сценарија во кои што би се наоѓала нашата земја во наредните седум години и врз основа на што треба да се градат, менуваат и дополнуваат идните стратешки планови.

„Ваквите документи, не ја предвидуваат иднината туку предвидуваат во какви можни контексти би се наоѓала нашата земја кои што ќе имаат импликација врз спроведувањето на стратегиите, конкретно за антикорупција. Ова што сега го правиме треба да биде дел од планирањето на голем број на институции кога ги планираат своите идни активности и политики за да бидат подобро спроведливи како и навремено да планираат ресурси за подобра имплементација на тие политики“, додаде Трошановски.

Потоа, Миша Поповиќ, раководител на Центарот  за добро управување при Институт за демократија ја презентираше анализата „Антикорупција 2030: форсајт анализа на идни и сегашни корупциски предизвици“.

Тој потенцираше дека целта на форстајт анализата е да се поттикне размислување за идни состојби, кои можеби денес само се наѕираат но може да бидат значајни во блиска иднина.

„Во стратешкото планирање честопати ја занемаруваме оваа потреба па тргнуваме од сегашните и минати проблеми. Бидејќи иднината е непредвидлива, сакаме да работиме со она што е познато или веројатно. Резултатот е дека неретко остануваме затекнати од нови начини на кои корупцијата може да се појави и да направи штета. Но задача на оние што носат одлуки е да размислуваат и за непредвидливото, она што е можно, без разлика дали можеме да кажеме дека е веројатно“, додаде тој.

На настанот се обратија и претставници на Владата, Собранието, Инспекцискиот совет, Државниот завод за ревизија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Државната комисија за спречување на корупцијата, Регулаторната комисија за енергетика, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи, и претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Учесниците во дискусијата се согласија дека борбата против корупција е предизвик и дека клучно е зајакнување на институциите, подобрување на нивната координација, подобрување на човечкиот фактор и стручните кадри како и развивање на свеста на луѓето.

Изразија загриженост за големото политичко влијание и мешање на политиката во сите сфери на општеството, како и за партиските пазарења особено во високо раководната служба.

Беше потенцирано дека недостигаат стручни кадри но дека истовремено има превработеност во јавната администрација. Според присутните, исклучително е важно да има транспарентност и отчетност при работењето како и соодветно ниво на политичка култура, свест и волја.

Конференцијата беше организирана како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.

Анализата на македонски јазик може да ја прочитате тука:

Антикорупција 2030: форсајт анализа на идни и сегашни корупциски предизвици

Анализата на албански јазик може да ја прочитате тука:

Anti-korrupsioni 2030: analizё forsyth e sfidave tё ardhshme dhe aktuale tё korrupsionit

Анализата на англиски јазик може да ја прочитате тука:

Anti-corruption 2030: a foresight analysis of future and current anti-corruption challenges

Видео од дискусијата може да погледнете тука.

Поврзани објави