Политичката волја се демонстрира низ сеопфатна инвестиција во подобрувањето на интегритетот на институциите. Таа инвестиција подразбира вложување во луѓе и ресурси на институциите, но истовремено и во овозможување раководен кадар кој ќе може независно да ги води институциите. Централна одговорност за ова имаат Владата и Собранието. Владата треба да изнајде начин да го напушти именувањето врз основа на партиска припадност и да овозможи квалитетен процес на формулирање на идни антикорупциски цели и политики. Должност на Собранието е да ги штити институциите, овозможувајќи им ресурси и квалитетни закони по кои тие треба да постапуваат. Меѓутоа, веројатно најважно во замена за тоа, преку надзор да биде постојан коректив на работата на институциите поставувајќи јасни цели и очекувања за успеси во борбата против корупцијата.
Антикорупција 2030: форсајт анализа на идни и сегашни корупциски предизвици