Согласно член 67 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, седниците на Собранието ги свикува Претседателот на Собранието. Според член 68, пратениците мора да го добијат решението за свикување седница на Собранието, заедно со предложениот дневен ред и материјалите со предложените прашања за дневниот ред на седницата, најмалку десет работни дена пред закажаниот датум за одржување на седницата. Постои можност да се свикаат комисиски седници и пленарна седница во истиот ден, но искористувањето на оваа можност треба да биде ограничено. Во согласност со член 24 од Законот за Собранието, претседателот на Собранието секој понеделник редовно се среќава со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи за да го координираат неделниот распоред за работа на работните тела на Собранието.
Иако овие одредби оставаат разумен простор за спремање на пратениците за темите за кои ќе се разговара на собраниските седници, овие рокови не секогаш се почитуваат при закажување на пленарните и комисиските седници. Анализата на квалитетот на дебатата во 18 собраниски седници фокусирани на 73 различни точки на дневен ред укажува дека од датумот на свикување до датумот на одржување на седниците, било тоа комисиски или пленарни, пратениците имаат просечно седум дена за спремање за точките на дневен ред. Најмногу време за спремање, пратениците имаа што се однесува на пленарната седница број 71, на која беше набљудувана дискусијата која се разви за три точки на дневен ред: „Предлог на закон за финансиска стабилност“, „Предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам“, и „Предлог на закон за вршење сметководствени работи.“ За оваа седница помеѓу датумот на свикување и одржување, пратениците имаа вкупно 19 дена за спремање. Најмалку време за спремање пратениците имаа за седница број 36 на Комисијата за финансирање и буџет, на која се дискутираше за „Предлог на закон за дополнување на Законот за акцизите“ и „Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.“ За оваа седница помеѓу датумот на свикување и одржување пратениците немаа воопшто време за спремање, или истата беше свикана и одржана истиот ден.