fbpx
logo

Извештај од фокус-групи: Граѓаните сметаат дека политичарите работат само за свои интереси, а партиите прават раздор

Институт за демократија, денеска во Хотел Лимак, пред претставниците на медиумите и на граѓанските организации го презентираше тематското истражување од осум фокус групи спроведени со цел подобро да се истражи јавната перцепција на квалитетот на живот, довербата во институциите и политичките актери, како и поларизацијата во Северна Македонија.

Студијата со фокус-групи беше спроведена во септември оваа година во сите осум плански региони, а во нив учествуваа 67 учесници. Истражувањето беше спроведено во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

 Истражувањето покажа дека поголем дел од учесниците во фокус-групите сметаат дека сите политичари работат за лични интереси. Граѓаните веруваат дека кај политичарите не постои желба за вистинска промена и подготвеност за спроведување најнеопходни реформи.

Речиси сите учесници беа загрижени за партиската политика и раздорот што го предизвикуваат политичките партии – „меѓу нас, би рекле дека тој е предавник, а другиот патриот, но тие ќе си ја тераат својата агенда“ (вели етнички Албанец, Куманово, 51-65), „владеат со нас додека нѐ делат на Албанци и Македонци… а ги имаме истите проблеми“ (вели етнички Македонец, Куманово, 18-30).

Поголемиот број на учесници сметаат дека политичките партии главно ги интересираат својата агенда и интереси, а не општото добро и благосостојбата на граѓаните – „…најголемиот дел од членовите на политичките партии само сакаат да стигнат до функција, работа, плата… воопшто не покажуваат иницијатива за да преземат нешто“ (етничка Македонка, Штип, 51-65).

Со цел посликовито да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, лицата во фокус-групите учествуваа во вежба со персонификација, а од нив беше побарано да поистоветат политичка партија со некое животно. Вежбата покажува дека учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со лисица, па користат атрибути како „подмолна“, „итра“, „несигурна“, и „си гледа само за себе“.

Кај учесниците постои општ недостаток на доверба во волјата и способноста на институциите да ја подобрат состојбата во земјата. Корупцијата, непотизмот, клиентилизмот, личните и партиските интереси, и политичките и семејните врски се најчесто споменатите проблеми поврзани со институциите и се главниот извор за недоверба. Како што се изрази студент од Струга, „Врските и партиската припадност се пресудни кога барате вработување… Вашето вработување се базира на врските, место способноста“ (етничка Македонка, Струга, 18-30).

Што се однесува до Собранието, учесниците најчесто истакнуваат дека институцијата е во постојана криза или блокада, додека во поглед на Владата – учесниците главно сметаат дека со изборите не се добиваат подобри влади, кои ги решаваат проблемите на граѓаните, туку само влади кои работат за личните интереси.

Имајќи ја предвид работата на судството, учесниците претежно сметаат дека судството е најкорумпиранaтa институција и ја ужива најмалата доверба. Според нив, политичките партии секогаш наоѓаат начин да ја подриваат работата на судството преку корумпирани механизми.

Учесниците се произнесоа и за поларизацијата што ја предизвика Францускиот предлог, поради кој се или Македонци или предавници. За многумина, поларизацијата е последица на „партискиот менталитет“ и е предизвикана од реториката што ја користат политичките партии. Дел од учесниците, пак, изразија фрустрација од надворешната политика на земјата и недостатокот на внатрешна посветеност за надминување на проблемите на граѓаните, како и дијалог, консензус и компромис меѓу политичките партии – како што сподели постар учесник во Битола „Заглавија со договорот со Бугарија и заборавија на нас, кои живееме тука“ (етнички Македонец, Битола, 51-65).

Истражувањето на македонски јазик може да го прочитате тука:

Извештај од фокус групи: Јавната перцепција за довербата во политичките партии, јавните институции и квалитетот на животот во Северна Македонија

Истражувањето на албански јазик можете да го прочитате тука:

Hulumtim i grupeve tё fokusit: Perceptimi publik mbi besimin nё partitё politike, institucionet publikedhe cilёsinё e jetёs nё Maqedoninё e Veriut

Истражувањето на англиски јазик можете да го прочитате тука:

Focus Group Research: Public Perception on Trust in Political Parties, Public Institutions and Quality of Life in North Macedonia

Поврзани објави