Истражните центри при јавните обвинителства имаат клучна улога во успешноста на спроведувањето на конфискацијата на имот. Тие го откриваат текот на парите, учествуваат во истражните дејства, прибираат докази и работат по насока на јавните обвинители. Недостатокот на потребните ресурси и стручни капацитети со кои се соочуваат, значително влијае врз квалитетот на финансиските истраги и конфискацијата на имот, земајќи ја предвид нивната оперативна улога. Па така, најголемите недоследности во спроведувањето на конфискацијата, односно прибирањето докази, следењето на текот на парите и слично се токму во доменот на работата на истражните центри.
Оваа нефункционалност оневозможува ефективно спроведување на мерката конфискација, но и спречување користење на средствата за криминални дејства што значително се одразува на успешноста на борбата против корупцијата во целост.
Оттука, зајакнувањето на капацитетите на истражните центри е клучно за успешноста на спроведувањето на конфискацијата на имот и борбата против корупцијата. Во насока на остварување на целите на Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, треба што побрзо да се преземат чекори за екипирање на истражните центри со соодветниот број и профил на кадри. Освен потребните вработувања, важно е кадрите во истражните центри да се подготвени за самостојно спроведување на секој дел од финансиската истрага.
Прочитајте го целиот бриф тука:
Недоволни капацитети за нужна конфискација на нелегално стекнат имот