logo

ИДСЦС, КАС и Македонско-Германското стопанско здружение го организираа 6. Македонско-Германски форум

Share on facebook
Share on twitter

Фондацијата Конрад Аденауер заедно со Делегацијата на германското стопанство и Институтот за демократија беа домаќини на Македонско-Германскиот форум на тема: „Европската економија под стрес по руската инвазија во Украина“.

Најновите случувања во Европа доведоа до серозни нарушувања во стопанството, корона кризата беше првиот удар за стопанството во Европа, вториот удар е војната во Украина која сериозно го наруши европскиот синџир на снабдување, а санкциите кон Русија и енормните цени на гас и нафта, се последниот удар со кои се бори индустријата. Ова беа дел од заклучоците на говорниците кои се обратија на Форумот.

Настанот го отворија Анке Холштајн, Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Даниел Браун, Директор на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија, Патрик Мартенс, Директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Косово и Албанија и Зоран Нечев, Раководител на секторот за евроинтеграции при Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Амбасадорката на СР Германија во Северна Македонија, Холштајн рече дека не е случајно што Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија добива поголемо внимание од германската сојузна влада од кога било досега.

„Наш приоритет е да ги внесеме земјите од Западен Балкан во Европската Унија – да го заштитиме мирот, стабилноста и економскиот напредок за нас и за следните генерации. Ова е исто така причината зошто германската влада го ревитализираше Берлинскиот процес. Почит и благодарност за принципиелната позиција на Северна Македонија – целосно усогласување со позициите на ЕУ, вклучувајќи ги санкциите, пречекот на бегалци, доставување оружје. Заедно стоиме против војната на Русија во Украина и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Холштајн.

Браун говореше за влијанието на војната во Украина врз нарушувањето во економијата во Европа.

„Руската агресија врз Украина не претставува само напад на меѓународниот поредок, туку ги соочува Европа и светот со сосема нови предизвици. Покрај снабдувањето со енергија важни за идните инвестиции се и новите локации на производство како и синџирот на добавувачи“, смета Браун.

Мартенс информираше за состојбата на стопанството во Германија, која игра важна улога во економиите на целиот Западен Балкан.

„Нарушените синџири на снабдување кои беа предизвикани од ковид, но и затворањето на пристаништата во Кина ни покажуваат колку се ранливи нашите домашни индустрии. Сепак со војната во Украина кризата го достигна врвот, имаме повторно нарушување во синџирите на снабдување и вртоглаво зголемени цени на енергијата. Затоа, Југоисточна Европа, особено Западен Балкан, се во фокусот на новите синџири на снабдување за диверзификација на ризикот“, вели Мартенс.

Нечев говореше за одлуките во политиката и нивното спроведување во пракса при носењето на бизнис одлуки.

„Дали политичките одлуки на германската Влада, се базирани на научените лекции од постоечкото криза? Одличен пример од праксата е продажбата на дел од пристаништето во Хамбург, на кинеска компанија. Прашањето е дали лекциите од ковидот и од војната во Украина ги научивме и во пракса, или истите остануваат само како пораки од јавни дебати“, додаде Нечев.

Во рамки на форумот се обратија Дитер Алтхаус, потпретседател при Магна Европа задолжен за владини прашања, Тим Петер, советник за конкурентност во Европа при фондацијата Конрад Аденaуер, Виктор Мизо, генерален директор на Костал, Павлина Здравева, експерт за животна средина и Јоханес Хајдекер, советник во кабинетот на премиерот на Република Северна Македонија.

 

Поврзани објави